„Извор“ на Каролина во издание на „Кроација рекордс“
Актуелниот албум на Каролина Гочева, „Извор“, неодамна го издаде реномираната издавачка куќа “Кроација рекордс”.
Со тоа овој албум се најде и на најпопуларните светски платформи за продажба на музика: iTunes, Amazon, Deezer.
Каролина го промовираше албумот минатата година со рекордни седум концерти во Македонската опера и балет. Во февруари и во март годинава, таа одржа четири успешни концерти во Македонската филхармонија со оркестарот на Филхармонија. Автор на најголемиот дел од песните на албумот е Николче Мицевски, како и Весна Малинова- Бабамова, а еден од текстовите напиша актерката Весна Бејби Петрушевска.
Во богатата ризница на „Кроација рекордс“ се наоѓаат повеќе од илјада и петстотини песни од времето на поранешна Југославија. Од Есма и Стево Теодосиевски, преку „Мањифико“, ансамблот „Билјана“, дузина најзначајни македонски изведувачи на народна музика, до Љупка Димитровска, „Конкорд“ и нашата гордост „Леб и сол“. Во периодот кој го опфаќа 21-ви век, тука се: Влатко Стефановски, Гаро и браќата Тавитјан, од неодамна и „Љубојна“, која за „Кроација рекордс“ објави колекција составена од најголемите хитови.