Извини Гоце, (не)морално беше!


Јавен бес и политичка драма предизвика пејачката Тамара Тодевска, откако завчера во Амбасадата на САД на прославата на Денот на независноста – 4 Јули отпеа своја верзија на македонската химна и притоа ги изостави стиховите во кои се споменуваат Делчев, Гули, Сандански…

Тодевска ја испеа првата строфа од оригиналниот текст на „Денес над Македонија се раѓа“, прифатен за официјална химна во 1991 (автор на текстот е Владо Малевски, на музиката Тодор Скаловски), а остатокот го измеша со стихови од претходните верзии, притоа исфрлајќи го само спорниот стих.

Пропустот се случува во специфични политички околности кога во преговорите со Бугарија се докажува идентитетот на Гоце Делчев, во што се вклучија луѓе од речиси сите општествени сфери во Бугарија и Македонија – од историчари, преку актери, до свежи или подзаборавени политичари, што е спротивно на духот на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, кој двете земји го потпишаа пред две години.

За жал, расправата за Гоце Делчев во јавноста навистина доби драматична димензија, што, всушност, секогаш се случува кога се отвораат вакви чувствителни прашања, вели историчарот Драги Ѓоргиев, кој е претседател на македонскиот тим во Заедничката комисија за историски и образовни прашања. Сепак, вели тој, тоа прашање засега е оставено по страна.

„Во моментов работиме на препораките за промените во учебниците кои се однесуваат на подоцнежниот среден век, откако го завршивме античкиот период и раниот среден век. Ние ги кажуваме нашите препораки за нивните учебници од шести клас, а тие ги кажуваат нивните препораки за нашите учебници за седмо одделение. Претставниците на Комисијата од двете страни се во постојана комуникација, која главно се одвива по електронски пат. До 1 август очекуваме да ги усогласиме препораките за да може да ги усвоиме на средбата планирана за септември“, вели Ѓоргиев.

Во таа рафална размена Тодевска, по своја вина или не, се најде на бришан простор. Се извини од „дното на срцето“ не можејќи да најде зборови со кои, како што вели, може да ја опише тагата.

„Не постои поголема чест за еден уметник од пеењето на националната химна и токму поради тоа и ја прифатив поканата од Амбасадата на САД. Понесена од емоции и од целокупната еуфорија, за жал, ненамерно изоставив дел од химната. Уште еднаш ви се извинувам за оваа грешка“, вели Тодевска.

Набргу стигна извинување и од Амбасадата на САД за тоа што не бил изведен официјалниот текст на химната. Во него се нагласува: „САД имаат длабока почит кон традициите, историјата, хероите и иднината на нашиот пријател, партнер и сојузник Северна Македонија“.

„Им благодариме на нашите пријатели и колеги за славењето на нашата независност со нас минатата ноќ. Ние разбираме дека грешките може ненамерно да се случат во емотивни моменти, но им се заблагодаруваме на нашите пејачи за нивните прекрасни изведби“, се вели во соопштението на американската амбасада.

Се огласија и од Владата од каде што рекоа дека добиле известување од Амбасадата на САД и од Тамара Тодевска дека станува збор за ненамерна грешка при изведување на химната, како и уверувања за највисоко ниво на почит кон македонските традиција и херои. Ставот на Владата, кој беше лиферуван претпладнето преку одредени медиуми со назнака „соопштуваат од Владата“, го отвори прашањето зошто таа самоиницијативно реагира за изведба на химна на настан во организација на друга институција и дали со тоа „си ја ишка мувата од капата“.

„Реагиравме по барање на медиумите, а не самоиницијативно. Тие што прашаа, им одговоривме“, дообјаснија од Владата.

Подоцна и премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање, потсети дека Амбасадата и пејачката се извиниле и дека тоа е пропуст. „Химната се пее секој ден и секаде. Тоа потврдува дека е ненамерна грешка“, изјави Заев.

Но оние што беа вџашени од изведбата во која на Тамара ѝ „снема лента“, сите одбранбени гардови (кои беа во краток период кренати) ги потсетија на една култна реплика од филмот „Среќна нова 49-та“ кога изневерените очекување кон пријателот се оправдуваа со реченицата: „Извини Пиги, морално беше“. Се плетеа најразлични сценарија на заговор, прашања и дилеми од типот дали САД со ова заземаат страна во бесмислената историска дебата, која за волја на вистината ја предизвикаа политичките првенци во Бугарија.

Паралелно, Тамара беше изложена на јавен линч, па дури радио Кавадарци дојде до ингениозна идеја повеќе да не емитува нејзини песни бидејќи, како што велат (во неподнослив напад на духовитост), сите песни што таа ги отпеала ненамерно се избришале од архивите на радиото. Небаре ја отпеала Лили Марлен, песната која понекогаш асоцира на нацистичките воени походи.

По Тамара удри и професорката и претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, која на својот твитер-профил ги објави законите за знамето, химната и грбот. Таа бара санкции, што сугерира дека отсега треба да се судат сите што нема да ги знаат стиховите на химната.

„Време е да ставиме крај, пред законите нема извини! Одговорност мора да има!“, напиша Сиљановска на Твитер.

Без оглед дали може да се поверува во некаква случајност или амнезија од еуфорија, факт е дека повторно на површина испливува абнормалната општествена сензибилизираност поттикната од наталожените (не)реални стравови дека некој зад завесите работи на уништување на државата и нацијата. Неверојатен напад на паника, своевидно колективно анксиозно однесување дека наводниот вовед во некаква нова верзија на химната без имињата на револуционерите е дел од тоа претпоставено ништење. И одново сме сведоци на серија закани и одредена перцепција во јавноста дека со „предавниците“ мора да се расчисти. Реакциите околу неточната изведба на химната се само уште еден доказ за атмосферата во која постојано растат тензиите и доминацијата на јазикот на насилството во јавниот простор. 

ВМРО-ДПМНЕ: Химната според политиките на Заев

За вистинска осуда е атмосферата креирана од Владата која на подолг период ги доведува во прашање идентитетски обележја, реагира опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ изразуваат целосно несогласување со нецелосното интонирање на химната и изоставување на македонските херои кои таа ги содржи.

„Се чини дека изведбата на химната од Тамара беше начин да се удоволи на погрешните политики на Зоран Заев креирани во изминатиот период на сметка на државните и национални интереси, а овој пат на сметка на македонско-американското пријателство кое е од стратегиско значење за долгорочниот развој на нашата држава. Ова е неприфатливо, и е пример што може да се произведе кога премиерот си поигрува со нашата историја, националните чувства и идентитетските обележја. Добро е што Тамара се извини, но тоа што е за вистинска осуда е атмосферата креирана од Владата и премиерот кои на подолг период и на срамен начин ги доведуваат во прашање сите идентитетски обележја. Со оваа влада станавме општество во кое на дневна основа се доведуваат во прашање најсветите чувства на македонскиот народ“, реагира најголемата опозициска парија.

Пет илјади евра казна за погрешна изведба на химната

Во Законот за химна е предвиден и нејзиниот текст, а во член четири стои дека може да се изведуваат само мелодијата и текстот утврдени со закон. Казната за изведување поинаква верзија од законската е од 4 до 5 илјади евра за правното лице, 1.500 до 2.000 евра за одговорното лице и од 500 до 1.000 евра за физичко лице, односно тој што пее. Ако прекршокот е сторен на јавен собир, глоба од 1.500 до 2.000 евра е предвидена и за лицето одговорно за организацијата на јавниот собир. Парични казни се предвидени и во Кривичниот законик, доколку химната се изложи на потсмев, што е кривично дело.(Н.К.)