Изречени казни за учесниците во филмското бегство од „Идризово“


По осум месеци, донесена е пресудата за учесниците и организаторите на филмското бегство од „Идризово“. Според пресудата, највисоката казна е три години, а најниската е условна осуда.
 
Командирот Срѓан Димитријевски и тројцата полицајци од „Идризово“ признаа дека учествувале во релизација на бегството на Беким Мемети, осуден на над 20 години затвор. На првото рочиште сите вработени во „Идризово“ признале дека го сториле делото „противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“, а еден од нив делото „несовено работење во службата“. Тие преземале противзаконски дејствија, а не преземале дејствија што биле должни да ги преземат при спроводот.

 

Командирот Димитријевски е осуден на три години затвор. Затворскиот полицаец Трајче Ацковски доби три години. Неговиот колега со иницијали И.А. кој исто така учествувал во реализација на планот за бегство на осудениот Мемети, доби казна затвор од 1 година и шест месеци. Последниот е вработениот во „Идризово“, Т.П. кој е условно осуден и казната нема да се реализира доколку во следните 3 години не стори ново кривично дело. Казните им се неправосилни, а Обвинителството и одбраната можат да се жалат и во Апелација.

Бегството се одвиваше во јануари. Бегалецот Беким Мемети сам си ја расекол раката, осуденик ангажиран во затворската амбуланта препорачал да го носат во болница, командирот Срѓан Димитриjевски му наредил на заменикот да изготви документ, па полицаецот му кажал и во кој дел на комбето да го смести. Рутата по која се движело возилото ја одредил еден од полицајците во комбето.  Во моментот кога се доближиле до бензинската пумпа на автопатот, полицаецот кој ја одредил рутата започнал да се преместува – при што се случил и клучниот момент на одземање на пиштолот. Бегалецот Беким Мемети, со повредена и преврзана рака, со лисици на рацете ја отворил футролата, го зел пиштолот и го репетирал, па пукал. Повредениот полицаец го запрел комбето, додека затвореникот, со повредена рака, лисици и пиштол ја отворил вратата и се качил во „аудито“ кое го чекало пред полициското возило. Иако Беким Мемети е лице од висок безбедносен ризик не бил превезуван со асистенција, како што налагаат протоколите.