Израелските напади врз нуклеарните постројки на Иран нема да предизвикаат нов Чернобил

Нападите врз иранските постројки за збогатување ураниум, како оној во Натанц, не носат ризик од нуклеарна катастрофа од размерите на Чернобил или Фукушима, објави Би-Би-Си, повикувајќи се на проценки од нуклеарни експерти.
Според Би-Би-Си, целите биле постројки за збогатување ураниум, а не активни реактори каде што се случува нуклеарна фисија. Токму поради ова, опасноста од ширење на радиоактивност е минимална.
„Нема нуклеарна реакција во постројка за збогатување ураниум, за разлика од нуклеарна централа“, објасни за Би-би-си Сајмон Мидлбург, експерт за нуклеарни материјали на Универзитетот Бангор. Во електраната се одвива контролирана фисија – разделување на атомите на ураниум – што генерира топлина, како и високо радиоактивен отпад.
Напротив, при збогатувањето на ураниум, постројките произведуваат само гориво – не се случува нуклеарна реакција.
Честичките од ураниум може да завршат во околината, но нема да има експлозија
Доколку таков објект биде бомбардиран, вели Мидлбург, честичките од збогатен ураниум би можеле да бидат ослободени во околината, но нема да има нуклеарна експлозија или широко распространето зрачење.
„Опасноста би останала локализирана, без радиолошки ризик надвор од помала зона на исклучување околу засегнатиот објект“, рече Мидлбург.
Би-Би-Си потсетува дека синоќа израелските сили извршија нови напади врз објекти во Натанц. Засега нема информации за истекување на радиоактивен материјал.