Израелски министер поднесе оставка заради засилените мерки за изолација


Израелскиот министер за градежништво, Јаков Ликман, од верската партија „Обединета Тора јудаизам“ денеска поднесе оставка во знак на протест против очекуваната одлука на владата да воведе засилени мерки за општа изолација за време на претстојните верски празници.

Ликман, поранешен министер за здравство, долго време се закануваше дека ќе поднесе оставка доколку се одобрат ваквите мерки, а тој, исто така, најави дека неговата партија може да ја напушти владеачката коалиција, наведуваат израелските медиуми.

Ликман го обвини докторот Рони Гамзу дека со месеци планирал изолација за време на еврејската Нова година и Денот на покајанието „Јом Кипур“, а дека овој потег го избегнувал во текот на летните месеци.

Во писмото до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, досегашниот министер најави дека мерките за изолација ќе ги спречат верниците, вклучително и десетици илјади Евреи кои не влегуваат во синагогите поголемиот дел од годината, да присуствуваат на најважните и најпосетуваните верски служби.

Самиот Ликман во април се зарази со коронавирус и, исто така, беше фатен како присуствува на молитва во група со повеќе од десет лица и покрај забраната за такви собири.

Новите засилени мерките беа одобрени во четвртокот од таканаречениот Кабинет за коронавирус, и со нив се предвидува новата изолација да почне на 18 септември во 6 часот, а училиштата да се затворат два дена порано, и да трае две недели.