Над една четвртина од вработените во Германија имаат потекло од странство


Берлин

 Повеќе од една четвртина од сите вработени во Германија, односно 27 отсто, имаат корени од странство, покажуваат официјалните статистички податоци објавени денеска од Сојузниот завод за статистика.

Податоците од микро-пописот за 2025 година укажуваат дека работниците со мигрантско потекло се од суштинско значење за повеќе сектори од германската економија, вклучувајќи ги здравството, угостителството и градежништвото. Според дефиницијата на Сојузниот завод за статистика, лице има мигрантско потекло доколку тоа или неговите родители се доселиле во Германија по 1950 година.

Во повеќе професии и сектори, мнозинството работници имаат странско потекло. Уделот на лицата со мигрантско потекло меѓу готвачите изнесува 56 отсто, во производството на храна е 55 отсто, при поставувањето подни облоги 54 отсто, а кај поставувањето скелиња и преработката на месо изнесува по 51 отсто.

Уделот на работниците со мигрантско потекло е значително над националниот просек и во неколку дејности во кои е забележан силен недостиг од квалификувана работна сила. Така, кај професионалните возачи тие учествуваат со 41 отсто, во хотелските услуги со 40 отсто, а кај негата и грижата за стари лица со 33 отсто. Најнизок удел на работници со мигрантско потекло во 2025 година меѓу секторите со недостиг од работна сила е регистриран во службите за итна помош, каде што изнесува седум отсто.

Микро-пописот е годишно репрезентативно истражување на примерок во кое се анкетира околу еден отсто од населението во Германија.