Најавен штрајк на државните службеници во Франција пред презентацијата на буџетот за 2027 година


Во Франција во вторник се очекуваат штрајкови откако синдикатите ги повикаа државните службеници да извршат притисок врз владата пред презентацијата на предлог-буџетот за 2027 година закажан за крајот на оваа недела, објавија денеска француските медиуми.

Францускиот премиер Себастијан Лекорни објави дека ќе предложи мерки за штедење во износ од 54 милијарди евра со цел да се ограничи трошењето и да се намали буџетскиот дефицит, што предизвика загриженост кај претставниците на вработените кои бараат повисоки плати.

„Постојат големи очекувања и длабок гнев кај државните службеници. Постои фундаментален проблем кога станува збор за заработката и признанието за сработеното“, изјави денеска претседателката на синдикатот CFDT, Марилиз Леон, за телевизијата Франс 2. 

Владата на Франција нема да ја зголеми основата за пресметување на платите за вработените во јавниот сектор дури ни во текот на 2027 година, потврди пред неколку денови премиерот наведувајќи дека замрзнувањето на индексот на плати ќе биде дел од буџетот со кој државата планира да постигне заштеди. 

Според информациите објавени од „Ле Монд“, 2027 година ќе биде четврта година по ред без зголемување на вредноста на индексот на плати, клучен параметар според кој се пресметуваат платите на повеќе од пет милиони француски државни службеници.