Иранската адвокатка Насрин Сотудеј ја доби наградата за човекови права „Васлав Хавел“ на Советот на Европа
Стразбур – Престижната награда „Вацлав Хавел“ на Советот на Европа денеска и беше доделена на истакнатата иранска адвокатка за човекови права, Насрин Сотудеј, соопшти ова европско тело за човекови права, јави ДПА.
„Еден ден, сонцето на слободата ќе засвети и над нашата земја“, изјави Сотудеј во видео-обраќање, бидејќи не можеше лично да присуствува на церемонијата на доделување на наградата во Стразбур.
Таа повторно беше уапсена во април, а пуштена на слобода со кауција во мај. Нејзината ќерка ја прими наградата во нејзино име, пренесе германската агенција.
Сотудеј (63) важи за една од највлијателните адвокатки во Иран. Според Советот на Европа, таа застапувала активисти, медиумски работници, припадници на малцинства и деца со закана од смртна казна, а исто така води кампањи против законите за задолжително носење шамија и против смртната казна.

Во последните неколку години оваа адвокатка била затворана неколку пати и за тоа време поминала години зад решетки.
Во 2020 година, таа ја доби и „Алтернативната Нобелова награда“.
Оваа година за наградата беа номинирани три жени: покрај Сотудеј, тоа беа иранско-американската новинарка и активистка за правата на жените, Масих Алинеџад, и унгарската адвокатка за човекови права, Марта Пардави.
Секоја од нив е симбол за „принципиелна храброст, морален интегритет и исклучителна посветеност на одбраната на човечкото достоинство и основните слободи наспроти политичкиот притисок“, изјави Петра Бајр, претседателка на Парламентарното собрание на Советот на Европа, пренесе ДПА.
Пред церемонијата, обраќање одржа и белоруската опозициска фигура Марија Колесникова – која и самата беше добитничка на наградата во 2021 година. Таа повика на поддршка за одбрана на независноста на Белорусија од руската доминација.
Наградата „Вацлав Хавел“ од 2013 година се доделува од страна на Парламентарното собрание на Советот на Европа како признание за посветеноста на човековите права. Наградата изнесува 60.000 евра и го носи името на покојниот активист за граѓански права и поранешен претседател на Чешката Република.
Церемонијата традиционално се одржува за време на есенската сесија на Парламентарното собрание. Собранието ги собира пратениците од 46-те земји-членки на Советот на Европа четири пати годишно.
Советот на Европа, чие седиште е во Стразбур и кој не е тело на Европската Унија, ја надгледува состојбата со човековите права во своите земји-членки, потсетува ДПА.