Израелската војска рано утринава пресретнала ракета истрелана од Јемен


Израелската војска соопшти дека рано утринава пресретнала ракета истрелана од Јемен.

Сирени за воздушен напад се огласија во Тел Авив, Ерусалим и неколку други области на Израел.

„Ракета, истрелана од Јемен, беше пресретната од воздухопловните сили пред да навлезе во израелскиот воздушен простор. Во согласност со протоколот, активирани се сирените“, се вели во соопштението на израелската армија.

Портпаролот на Хутите во телевизиско обраќање изјави дека јеменските бунтовници истрелале балистичка ракета на аеродромот „Бен Гурион“ во близина на Тел Авив.

Нема информации за повредени или материјална штета.

Хутите ветија дека ќе ги зголемат нападите, вклучително и против Израел, како одговор на воената кампања што САД ја започнаа во саботата поради нападите на јеменските бунтовници врз бродови во Црвеното Море.

Ова е најголемата американска воена операција на Блискиот Исток откако американскиот претседател Доналд Трамп ја презеде функцијата.

Трамп, исто така, се закани дека ќе го смета Иран за одговорен за какви било идни напади од јеменските бунтовници и предупреди на страшни последици.

Корпусот на гардата на исламската револуција на Иран соопшти дека Хутите сами ги носат своите стратешки и оперативни одлуки.