Израелската армија го ракетираше спорниот дел од границата со Либан


Израелската армија истрела артилериски гранати на спорниот дел од границата со Либан, јави телевизијата Ал Манар, која е поврзана со  Хезболах.

Телевизијата тврди дека претходно израелски дрон фрлил запалива направа во спорното подрачје, при што е предизвикан пожар, кој бил изгаснат од локалните жители.

Израелската армија е во состојба на подготвеност долж границата со Либан поради зголемените тензии со Хезболах и со Иран, откако минатата недела два дрона, наводно израелски, паднаа во јужниот дел на Бејрут, каде е упориштето на Хезболах.

Претходно, при израелски напад од воздух врз ирански цели во Сирија загинаа двајца припадници на Хезболах.

Шефот на израелската дипломатија Израел Кац утрово истакна дека Тел Авив „ќе го уништи“ Либан ако екстремистичката група Хезболах ја реализира својата закана и ја нападне еврејската држава во знак на одмазда за наводниот израелски напад врз седиштето на Хезболах во Бејрут.