Израел ги сокри патнички авиони на тајна локација надвор од земјата


Израелските виокомпании „Ел Ал“, „Аркија“ и „Израел“ ги преместија своите авиони надвор од земјата на непозната локација како подготовка за евентуален ирански напад врз аеродромот „Бен Гурион“, јавува дописникот на „Скај њуз“ од Блискиот Исток.

Авионите беа транспортирани без патници, како дел од однапред подготвените безбедносни протоколи во случај на понатамошна ескалација и напади врз клучна инфраструктура.

Што се случи синоќа?
За потсетување:  синоќа Израел изврши обемен воздушен напад врз неколку цели во Иран како дел од операцијата наречена „Исправен лав“. Според израелски воени извори, погодени се објекти поврзани со нуклеарната програма на Иран и воени локации, вклучувајќи го и клучниот комплекс за збогатување ураниум во Натанц. МААЕ потврди дека Натанц е меѓу нападнатите локации и е во контакт со иранските власти за следење на нивото на зрачење.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека операцијата имала за цел „неутрализирање на егзистенцијална закана“, истакнувајќи дека Иран со години развива нуклеарни капацитети и отворено се заканувал дека ќе го уништи Израел. Иран го затвори својот воздушен простор, а израелската војска го подигна нивото на тревога за можен одговор, вклучително и лансирање беспилотни летала и ракети од Иран и територија под влијание на проиранските групи.