Изоставувањето на „Северна“ ударна вест во Грција


 

Грчките медиуми промптно го пренесоа фактот дека новата претседателка на државава, Гордана Силјановска-Давкова одбегна да каже Северна Македонија при давањето заклетва во македонското Собрание. „Катимерини“ во првата реакција напиша дека „г-ѓа Силјановска за време на заклетвата, државата ја нарече ‘Македонија’, и покрај тоа што во текстот на заклетвата, кој го кажа претседателот на Собранието во заминување, Јован Митрески, повикувајќи ја Силијановска да ја повтори, земјата беше наречена Северна Македонија.

Амбасадорката на Грција во Северна Македонија, Софија Филипиду, која беше поканета на седницата на Собранието за положување заклетва на Гордана Силјановска, си замина во знак на протест по дадените насоки од грчкото министерство за надворешни работи“.

Во сличен тон се извештаите и на другите мејнстрим медиуми и интернет изданија. Дополнително, во текстовите се потсетува на вчерашната изјава на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во интервјутот за телевизијата Алфа. Зборувајќи што може да се очекува во односуите со македонија Мицотакис рече:

„Со загриженост ги гледам изјавите на функционерите на ВМРО. Со интерес ќе го чекам официјалниот став на идниот премиер за да видам како ќе се повика на името на својата држава“.

Понатаму тој нагласи: „Јас лично не се согласував со Договорот од Преспа и особено со агресивното дефинирање на македонската нација и јазик. Но, договорот го прифатив во контекст на континуитетот на државата. Сфатив дека морам да го почитувам“, продолжи Мицотакис и додаде:

„Истите барања постојат и сега од новото раководство на Северна Македонија. Сакам да се надевам дека она што се слушна пред изборите нема да биде официјален став на новата влада по изборите. Затоа што ако тоа се случи, ќе имаме проблеми“.