Измени во Законот за тутун: Забранет е увоз додека трае откупот

Додека трае откупот на домашната реколта тутун, нема да се увезува тутун од странство. Ова е една од клучните измени во Законот за тутун кои поминаа во Собранието и веќе од 29 јули, со објавување во Службен весник, се на сила.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство прецизираат дека уште од февруари се донесе решението дека се неопходни законските измени за да се подобри прометот, откупот на тутун и да се поддржи оддржливото производство.
-Измените на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи се однесуваат на подобрување на откупот, прометот и контролата на тутунот, забраната за увоз на необработен тутун, тутун сушен на сонце (sun – cured) за време на периодот на откуп на тутун од домашно производство, обврската на откупувачите на тутун за водење на евиденции за откупените, увезените и обработените количини на тутун и внес на податоците во информативниот систем за евиденција на тутунското производство, подобрување на условите за обработка на откупениот тутун за откупувачите на тутун, велат од Министерството за земјоделство.
Работна група со претставници од Министерството за земјоделство, од Сојузот, откупувачите, Министерството за здравство, од Стопанската комора и Царината ги изготвуваше измените.
-Со измените ќе се допрецизира поимот за промет на тутунот (промет на необработен тутун во смисла на овој закон е увоз на необработен тутун наменет за обработка). Се доуредува информативнот систем за евиденција на тутун ИСЕТ, ќе се подобри откупот на тутунот и, покрај со евидентирани податоци за договорени и откупени количини тутун, да се внесуваат и податоци за увезени количини необработен тутун, ќе се подобри прометот и контролата на тутунот, како и ќе се подобрат условите за просториите и опремата за сместување и обработка на тутунот заради подобрување на откупот и обработката на тутунот од откупувачите, прецизираат од Министерството за земјоделство.
Забраната за увоз на ароматичен тутун додека трае откупот, како и можноста освен досегашните четири откупни компании, сите да може да го преработуваат и да го извезат откупениот тутун, се донесени по брза постапка за да може да се применуваат веќе од годинашнава откупна кампања. Другите законски измени ќе одат во редовна постапка.