Изградбата на железницата е и изградба на историјата, рече директорот Локвенец


 

НЕГОТИНОИзградбата на железнички пруги значи изградба на историја, изјави денеска директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Железници на РСМ“, Хари Локвенец на прес-конференција по повод одбележувањето на 149 години од постоењето на македонски железници, одржана на мостот пред железничката станица во Неготино.

Локвенец потсети дека на 9 април, далечната 1873 година, првиот воз влечен од парна локомотива пристигнал во железничката станица во Велес и тогаш почнало поврзувањето на Македонија со остатокот од светот.

„Со посветена работа и истрајност ќе ги надминеме сите предизвици. Наредната година ќе го одбележиме нашиот голем 150-годишен јубилеј со реализација на значајни проекти, зошто ние не ветуваме напразно, туку и реализираме“, додаде тој.

Локвенец се осврна и на приоритетите на македонски „Железници“.

„Наш приоритет број еден е изградбата на Коридорот 8 на источниот и западниот дел со што граѓаните и стопанството ќе имаат железнички пристап од Црното и Јадранското Море. За неколку недели го потпишуваме договорот со новиот изведувач, по што почнува градбата на железницата кон Бугарија, по чијашто реализација, двата народи и двете држави ќе имаат огромен број  просперитетни можности за меѓусебна соработка“, рече Локвенец.

Тој најави и дека наредната година ќе биде отворен Музеј на македонските железници.

“Ќе се отвори првиот музеј на македонски железници, кој ќе функционира како составен дел на јавното претпријатие и вечно ќе сведочи за 150-годишната македонска железничарска историја“, откри тој, честитајќи го празникот и како внук на железничар. (МИА)