Ивана Кнез слави роденден со модна колекција: Јас, сензуална


Свила, бисери и свилено жерсе се изборот на материјали за новата лимитирана сензуална и софистицирана модна колекција на Ивана Кнез, насловена како Be Me – Be drAMA. Таа со својата фото приказна ја прикажува Драма од почетоците на двата бренда Drama & Lovecats, костимски пристап на современа мода, проткаена со многу емоции, чиста страст, бисерна љубов, продуцирана од екипа на луѓе што поместува граници за квалитет.

„Денеска полнам 34 години и никогаш не сум се чувствувала подобро. Изгледот доаѓа сам по себе, заедно со прекрасен тим на луѓе е возможно да се постигне се. Во време кога како никогаш претходно фокусот е на личен развој, физички и психички, ставам акцент на самодоверба и развој на карактер. Промена на сопствени стандарди со цел подобрување, промена на тело и промена на основен сетинг на размислување, за поквалитетен живот.“ -вели, Ивана Кнез, сопственичка и моден дизајнер на Драма Студио.

Со оваа колекција Кнез ја продлабочува соработката со македонски бренд за долна облека, како моден дизајнер и со тоа ја најавува новата премиум колекција која наскоро ќе ја пласираат на модниот пазар во нашата земја.

Модел на фотографиите заедно со Кнез е Влатко Кузмановски.

Фотосесијата е реализирана во фабрика за производство на флашираната вода Maya во Гари, Општина Дебар, проектирана од архитектот Александар Карангелов кој минатата година за објектот ја освои наградите Аrchitizer A+, во категорија индустриски објекти и складишта и Големата годишна награда на Асоцијацијата на архитекти на Македонија за 2017 година. (Л.С.)