Иван Бечковиќ за „Независен“: „Кроација рекордс“ ќе ја врати Македонија на светската сцена


„Кроација рекордс“, најголемата дискографска куќа во регионот, се врати во Македонија по повеќе од четвртина век. Што значи тоа за македонската поп-сцена, кои сè македонски изведувачи беа под нејзината капа, а кои се новите ексклузивци, во ексклузивното интервју за „Независен весник“ ни откри долгогодишниот новинар и уредник во македонските медиуми Иван Бечковиќ, сега ангажиран како експерт и супервизор за некои изданија во „Кроација рекордс“ за Македонија.

Која е причината што „Кроација рекордс“ се враќа по 25 години во Македонија?

– „Кроација рекордс“ се врати во Македонија по повеќе од четвртина век. Главната причина е фактот дека за македонските музички фанови изданијата на „Кроација рекордс“ се и тоа како посакувани и важни. Со години наназад во дирекцијата во Загреб стасуваа информации дека фановите од Македонија се принудени да направат многу напори за некое цеде да го нарачаат од Загреб или од Белград бидејќи не можеа да го купат во Македонија. Потоа, некои македонски изданија, всушност, не ни беа објавени во Македонија. Последниот албум на Влатко Стефановски, бестселерот „Мајчин јазик“, можеше да се купи насекаде во регионот, освен во нашата земја. Потоа, многу атрактивниот бокс-сет изданија на „Бијело дугме“, само ние не можевме да го купиме во нашите продавници.

Најпосле, многу изведувачи и групи од Македонија во потрага по сериозен издавач, најпрво помислуваа на најголемиот во овој дел од Европа – „Кроација рекордс“. Уште една важна причина е што домашните музички консументи многу малку знаеја за новите ѕвезди кои доаѓаат од Хрватска и од регионот, како што се Миа Димшиќ, Антонела Доко… и редно беше да ги запознаат. Причини колку сакаш…

Зошто си замина?

– Во 90-тите, кога беа прекинати сите деловни врски во регионот, практично беше невозможно да се работи. Беснееше војна, границите насекаде беа затворени, ембарга… Креативниот дух не застана, ама некои бариери тешко се пробиваат. Подоцна, кога работите се средија, некои нешта се случуваа по инерција. И затоа паузата е толку голема.

Што значи за македонската поп-сцена „Кроација рекордс“?

– Тоа е нов, ширум отворен прозорец кон светот на музиката. Една голема можност. И не само за поп-сцената туку и за рок-сцената, етномузиката… „Кроација рекордс“ е најголемата дискографска куќа во регионот. Со една импозантна архива, која е длабока цели 70 години. Самиот факт дека некое издание ја носи етикетата на „Кроација рекордс“ значи дека зад него стои голем, сериозен и респектиран издавач. Изданијата, во секој поглед, можат да се носат рамо до рамо со изданијата најголемите светски дискографски куќи. И звучно и визуелно. Освен тоа, „Кроација рекордс“ е застапена на најзначајните дигитални платформи во светот, што значи дека секое издание или песна, освен како издание во форма на компакт-диск или винил, може да се купи и во дигитален формат бидејќи изданијата на „Кроација рекордс“ се присутни на дигиталните сервиси: Deezer, Spotify i iTunes. А токму симнувањето музика веќе долго години наназад е тренд што ја обзема планетава.

Кои критериуми треба да бидат исполнети за да ве избере овој издавач, а кои се привилегиите што тој ги нуди?

– Кога пред дваесетина години се правеше изборот на сто најзначајните албуми на територијата на поранешна Југославија во областа на поп и рок-музиката, изданијата на „Кроација рекордс“ убедливо триумфираа. Дури 47 од 100 избрани албуми. Тоа е речиси 50 проценти. Остатокот го имаа останатите осум дискографски куќи. Зарем ова не зборува доволно за реномето на „Кроација рекордс“?! За тоа колку некогаш се внимаваше што се објавува и како се објавува? Таквиот тренд, секако, продолжи и во годините на новиот милениум.

За некој да биде забележан од „Кроација рекордс“, треба да ја има потребната посебност, во која ќе веруваа тимот предводен од директорот Желимир Бабогредац. Треба да го краси авторско-изведувачкиот квалитет, да ја има јасна визија што и како понатаму, треба да ја има и потребната доза на комерцијалност. Производот, сепак, треба да му се допадне на слушателот.

Од другата страна, изданијата на „Кроација рекордс“ ги има секаде во регионот, од Вардар до Триглав, што се вели, а благодарение на најголемиот онлајн-продавница „Амазон“ и во целиот свет. Пиар-тимовите на „Кроација рекордс“ го покриваат целиот простор на поранешна Југославија, што значи дека за сè што е позначајно врзано за изданијата истовремено дознаваат и вљубениците во Загреб, Сараево, Белград и Скопје. Присутноста на дигиталните платформи, кои веќе ги спомнав, пак, овозможува песната или албумот со еден клик да го купи и некој во регионот, некој во Париз, Пекинг, Чикаго, или Буенос Аирес… Сеедно каде е. Еден куп привилегии.

Кои македонски изведувачи досега беа под капата на „Кроација рекордс“?

– Во богатата ризница на „Кроација рекордс“ се наоѓаат повеќе од илјада и петстотини песни од времето на поранешна Југославија. Од Есма и Стево Теодосиевски, преку „Мањифико“, ансамблот „Билјана“, дузина најзначајни македонски изведувачи на народна музика, до Љупка Димитровска, „Конкорд“ и нашата гордост бендот „Леб и сол“. Во периодот што го опфаќа 21 век, тука се: Влатко Стефановски, Гаро и браќата Тавитјан, од неодамна и „Љубојна“, која за „Кроација рекордс“ деновиве објави колекција составена од најголемите хитови.

Кои се натамошните планови на куќата?

– „Кроација рекордс“ годишно објавува околу 200 изданија. Сосема нови проекти или изданија од богатата архива, кои досега не беа печатени на компакт-диск или не можеа да се купат во дигитална форма. Трендот продолжува со максимална отвореност за сè што е добро, интригантно и што може да предизвика интерес во регионот, а и пошироко. Тука е, секако, и промоцијата на нови имиња, кои како изведувачи или автори имаат што да покажат.

Кои се твоите обврски и функција во куќата?

– Мојата функција се однесува пред сè на Македонија. Како супервизор и експерт за некои изданија се грижам сите информации што им се важни на домашните дискофили, најбрзо што можат, да стасаат до нив во Македонија. Радиостаниците да ги имаат сингловите и албумите, во зависност пред сè од тоа каков профил на музика негуваат. Новинарите да бидат во тек со настаните. Со текот на времето, се надевам, ќе зачестат и промоциите кај нас, посебно на изданијата на изведувачите од Македонија.

Кои ѕвезди од регионот се под капата на „Кроација“?

– Зоран Предин и Владо Креслин од Словенија се ексклузивци на „Кроација рекордс“. Од Хрватска, тука се најголемите изведувачи: Мишо Ковач, Жељко Бебек, Јелена Розга, Тончи Хуљиќ и неговата „Мадре Бадеса“, Јосипа Лисац, Габи Новак, па „Црвена јабука“, „Парни ваљак“, „Прљаво казалиште“, Горан Баре и „Мајке“, „Дивље јагоде“… Од Босна, тука е еден и единствен Дино Мерлин. Од Србија – „Бајага и инструктори“, Неда Украден, „Земља грува“, „Звук улице“… Сергеј Ќетковиќ е од Црна Гора, а од Македонија во „Кроација рекордс“ се Влатко Стефановски, Гаро Тавитјан и синовите, а еве сега и „Љубојна“. Се надевам дека многу брзо бројот ќе стане поголем.

Можеш ли да ни откриеш кои се плановите во блиска иднина?

– Убава вест за сите фанови на „Електрични оргазам“. Излегува нивниот бокс-сет со шест албуми од фазата на „Југотон“, а таму се и ремек-делото „Дисторзија“ и концертниот „Браќо и сестре“. Наскоро, на огромно задоволство, излегува и живиот албум на Влатко Стефановски, снимен во Загреб, на концертното претставување на албумот „Мајчин јазик“, кој ќе биде објавен како компакт-диск и блу-реј издание. Тоа ќе биде прво блу-реј издание на некој изведувач од Македонија. Прво, најпрво!

Предложив во Загреб да направиме една убава компилација, составена од македонските рок-групи, која би опфатила сè што е важно на овие простори – од „Леб и сол“ некогаш, до „Фанк Шуи“ сега. Идејата им се допадна, јас работам на случајот, а сите од Македонија со кои контактирав ми кажаа дека би им претставувало чест и задоволство да бидат дел од едно такво издание.

Што слушаш во моментов, а е во издание на „Кроација рекордс“?

– Неколку албуми и, искрено, не знам кој е подобар?! Живиот на „Бајага и инструктори“ – „У Пули лом“, од концертот во Пула, потоа концертниот на Јосипа Лисац, снимен во студиото на „Кроација рекордс“, на кој таа со својот глас буквално ги свири песните и Зоран Предин со песните од Арсен Дедиќ.

Лејла Сабит        Фото: Борис Грданоски