Истражување: Врсничкото насилство зема голем замав


 Врсничкото насилство или булингот има загрижувачки димензии, зашто повеќе од 30 проценти од учениците не се чувствуваат безбедно во училиштата. Ова го покажуваат последните истражувања на состојбата со врсничкото насилство меѓу младите на невладината организација „Коалиција СЕГА“ од Прилеп која со партнери, невладини здруженија во земјава почна 10-годишен проект за врсничкото насилство и што да се преземе за овој проблем кој ескалира. Проектот опфаќа 50 училишта во земјава, по 25 основни и средни.

Според Зоран Илиески од невладина „Коалиција СЕГА“, го има и психичкото и физичкото насилство.

-Повеќе од 30 проценти од учениците не се чувствуваат безбедно во училиштата. Многу сериозно е тоа што 61 процент од учениците  се жртва на психичко насилство. Податоците покажуваат дека речиси секое психичко насилство потоа преминало во физичко. Според нашето истражување, околу 10 насто од учениците, барем еднаш во изминатиот месец, примениле сила во училиштето, а 13 проценти од учениците изминатиот месец веќе биле жртва на насилство. Тоа ја покажува фактичката состојба дека учениците се подложни на насилство во училиштето, од една страна врсничко, што е најголем процент, но постои и насилство на наставниците – професорите врз учениците, вели Илиески.

Во истражувањето, едно од решенијата на кое учениците укажуваат е дека веруваат само во ученичката организација која што може да дејствува во превенција на насилството.

-Тоа беше насока за нас за да ги креираме активностите во училиштата, да работиме со  ученичките организации и преку нив ќе дејствуваме за превенција на насилството во училиштето. Во моментов ги поддржуваме ученичките организации да развијат начин во собирање информации од нивните соученици за како да ги превенираат состојбите и ги поддржуваме во активностите што ќе ги преземат, објаснува Илиески.

Кога станува збор за институциите, неопходно е да се вклучат сите оние кои се дел од решението за насилството: првично Министерството за образование, училиштето и сите служби, па психолозите, здравствените институции.

-Пресудно е координираното дејствување. Ние како здруженија на граѓани може да помогнеме, да ги понудиме нашите сознанија, методи, но стручните служби се клучни во превенирањето на врсничкото насилство, смета Зоран Илиески од невладината организација „Коалиција СЕГА“.

За системски пристап во решавањето на состојбите со булингот, или врсничкото насислтво се согласува и психологот Ана Алексоска кај која доаѓаат млади на советување токму за овој проблем. Потребата од советување се зголемува и за 20 до 30 проценти е зголемен бројот на психолошките советувања. Алексоска го оформува профилот на насилникот и корените ги бара во семејството.

-Многу се причините за врсничкото насилство, но најчесто тргнуваме од семејството како основна клетка на општеството.  Тие што прават булинг, најчесто се емоционално запоставени од родителите, доживеале некакво насилство или гледале насилство. Потоа и тие вршат насилство за да се стекнат со поголем социјален статус, моќ, да се истакнат во групите, бидејќи немаат доволно социјални вештини како тоа да го направат на здрав начин, вели Алексоска.

Според Алексоска „пикот“ на булингот е на возраст од 11 до 13 години. На советување доаѓаат поради повеќе видови булинг: преку социјалните мрежи, поради психичко насилството, поради константно, секојдневно малтретирање.

-Работиме да добијат поголеми социјални вештини, да им ја зајакнеме самодовербата, да бидат посамоуверени во своите способности. И да знаат дека тоа не е нивна вина, изјави Ана Алексоска психолог од Прилеп.