Истражување: Над 60 отсто од младите во Струга трајно би се иселиле


 Недостигот на квалитетни работни места, нискиот животен стандард, неконкурентниот пазар на труд, недоволната поддршка за младинско претприемништво, недовербата во институциите и ограничените културни и социјални содржини се главни причини поради кои младите се иселуваат од Струга. Ова го покажало истражувањето „Зошто младите се иселуваат од Струга?“ што го спроведе здружението „Аква“ на 500 испитаници на возраст од 16 до 19 години, во рамки на проектот „Практикувај демократија”, спроведуван од Фондацијата за демократија на Вестминстер со поддршка на Британската амбасада Скопје.

Истражувањето, како што информира Ана Наумоска од здружението „Аква“, почнало во декември минатата година, со анкетен прашалник на четири категотии млади: млади кои заминале од Струга и немаат намера да се вратат, заминале и сакаат да се вратат, оние кои живеат во Струга и сакаат да заминат и они кои сакаат да останат.

– Струга старее. Шеесет и два отсто од младите на возраст од 16 до 29 години, кои во моментов живеат во Струга, трајно би се иселиле. Масовното иселување на младите од Струга е сериозен социо-економски и демографски проблем, кој влијае врз развојот и иднината на градот. Резултатите од теренското истражување покажуваат дека младите во Струга чувствуваат недостаток на институционална поддршка и не гледаат доволно можности за личен и професионален развој. Дополнително, корупцијата, партизацијата и административната неефикасност создаваат дополнителни бариери за младите кои сакаат да изградат иднина во својот град, вели Наумоска за МИА.

Анализата, според неа, покажува дека итно се потребни мерки за подобрување на квалитетот на животот и перспективите за младите во Струга.

– За да се спречи трендот на иселување и да се создадат услови за нивно останување и напредување, неопходно е системско подобрување во повеќе сектори, со конкретни чекори насочени кон економски развој, квалитетно образование, младинско учество и поддршка за млади претприемачи, забележува Наумоска, која е дел од истражувачкиот тим.

Од истражувањето, додаде, произлегле препораки, кои треба да бидат основа за креирање на политики што ќе ја подобрат положбата на младите во Струга и ќе овозможат градот да стане место каде младите ќе можат да изградат своја иднина.

– Поттикнување на економски развој и отварање на квалитетни работни места, односно привлекување инвестиции и поддршка за локални бизниси, зголемување на платите и условите за работа или креирање политики кои ќе обезбедат фер плати и сигурност на пазарот на труд, со фокус на младите професионалци. Развој на младинското претприемништво, подобрување на образовниот систем преку усогласување на средното и високото образование со пазарот на труд и зголемување на практичната настава, зголемување на младинското учество во одлучувањето со формирање на функционален локален младински совет и младински центар, како што е предвидено со Законот за младинско учество и младински политики, се дел од препораките.

За да се задржат младите во Струга, според истражувањето, потребно е и зголемување на транспарентноста и ефикасноста на институциите, креирање повеќе културни и социјални содржини, подобрување на условите во образовните институции, односно обезбедување учебници, современи наставни алатки, подобра инфраструктура и поддршка за учениците, превенција од партизација и корупција во вработувањето и создавање механизми за враќање на младите во Струга преку иницијативи кои ќе им овозможат на иселените да се вратат со конкретни понуди за работа и поддршка за нивна интеграција во локалната економија.

Следната фаза, додаде е споделување на policy paper-от со конкретни предлози до сите засегнати институции на локално ниво.