Историски момент, Кичево влегува во европската мрежа за заштита на реките преку проектот „ЧИСТО-Кичево“


Кичево беше домаќин на официјална делегација од Генералната дирекција за управување со води на Европската Унија и програмата DALIA, при што беше потврдена поддршката за имплементација на новиот европски проект „ЧИСТО-Кичево“ – Образование и акции водени од заедницата за почисти реки без отпад.

Како што соопштија од Општина Кичево, станува збор за проект во рамки на програмата DALIA – Horizon Europe, финансирана од Европската Унија, а Кичево е единствената општина од регионот што успеала да стане дел од оваа европска иницијатива.

– „Ова е историски момент за Кичево. Стануваме дел од европската мрежа на иновативни решенија за чисти реки. Нашата цел е да изградиме модел кој ќе ја зајакне заедницата и ќе обезбеди долгорочна заштита на реките. Дополнително, нашето подрачје е богато со уникатни природни вредности – долината на реката Треска и Беличка е препознаена како High Nature Value Forest Area и Important Plant Area, каде се среќаваат национално и меѓународно значајни видови и живеалишта. Тука се и солените извори во селото Пополжани, заштитени како споменик на природата со светско значење (III категорија според IUCN), како и изворот на реката Треска“, изјави проектниот координатор Дејан Илиоски.

Од Општина Кичево информираат дека главната цел на проектот е подобрување на еколошката состојба и биодиверзитетот на реките Беличка и Треска преку намалување на отпадот, особено пластичниот, и примена на заеднички пристап во управувањето со животната средина.

Проектот ќе се реализира преку четири клучни компоненти:

мапирање на загадените подрачја и изработка на стратешки пристап;
акции за чистење и поставување иновативна опрема за собирање отпад;
едукативни работилници и јавни кампањи за подигнување на еколошката свест;
мониторинг на квалитетот на водата и биодиверзитетот.
Во реализацијата ќе бидат вклучени општинската администрација, ЈKП „Комуналец“, граѓански организации, месните заедници, бизнис-секторот, како и експертски тимови од областа на екологијата и животната средина.

Според информациите од Општината, ваква иновативна опрема за собирање отпад веќе функционира во Ротердам, Розенборг, Бреда, Ден Хаг, Брисел и на реката Crișul Repede во Романија, а следната локација на европската мапа ќе биде токму Кичево, со поддршка од партнерите од Романија.

Од локалната самоуправа истакнуваат дека преку проектот „ЧИСТО-Кичево“ ќе се создадат услови за почисти и поздрави реки, со долгорочна корист за животната средина и идните генерации.