Источна Анадолија – скриеното богатство на Турција
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/Foto-3_Agri_Palatata-na-Ishak-Pasa.jpg)
За сите љубители на нови туристички дестинации, Источна Анадолија е вистински избор. Тоа е едно од највозбудливите и мистериозни региони на Турција, каде се спојуваат природните убавини, археолошките знаменитости и богатото културно наследство. Со своите неповторливи пејзажи и гостопримливи жители, регионот нуди вистинско доживување за љубителите на историјата и природата. Еве ја листата на скриените богатства на Источна Анадолија, кои се надвор од вообичаената туристичка рута:
Арслантепе – археолошкото чудо во Малатја
Малатја, позната по своите кајсии и богато историско минато, е почетна точка или портата на античкиот свет во Источна Анадолија. Музејот на отворено Арслантепе датира од пред 8.000 години и е местото каде што се родило првото државно уредување на Анадолија и дава вистински увид во античката социјална структура и бирократско уредување. Локалитетот е заштитен од УНЕСКО.
Замокот Харпут – сведок на минатото во Елазиг
Замокот Харпут е дел од древната урартуска цивилизација и датира од 8 век пред нашата ера. Тој е сместен во срцето на Елазиг. Низ историјата овој замок бил сведок на бројни културни и историски настани, кои оставиле белег на архитектурата и значењето на градот.
Кемалије – спој на традицијата и чудата на природата
Сместено покрај реката Еуфрат, Кемалије во Ерзинџан е шармантно гратче со традиционални камени куќи и уникатна архитектура. Градот е дом на природните атракции како што се водопадот Карсу и кањонот Каранлик. Со своето културно наследство се вбројува меѓу најдобрите туристички села во Програмата на Обединетите нации за нивно зачувување.
Ани – изгубениот град на црквите во Карс
Археолошкиот локалитет Ани е познат како град на 1.001 црква, а бил значаен средновековен културен и трговски центар на Патот на свилата. Се наоѓа во близина на градот Карс, на границата со Ерменија. Остатоците од некогашните градби и денес сведочат за неговата величина.
Палатата на Исхак Паша – архитектонско ремек-дело во Агри
Во подножјето на планината Агри, се наоѓа палатата на Исхак Паша, еден од најубавите примери на отоманската архитектура со влијанија од селџучкиот и европскиот барокен стил. Изграден во 17 век, овој комплекс е симбол на луксузот и префинетоста на своето време.
Националниот парк долина Мунзур – недопрена природна убавина
Тунџели, со својата богата флора и фауна, е дом на спектакуларната долина Мунзур, едно од најимпресивните природни богатства во Анадолија. Овој национален парк нуди можност за авантуристички пешачки тури, посети на кањони, глечерски езера и водопади, што го прави совршен за бегство за љубителите на природата.
Езерото Чилдир – зимска бајка во Ардахан
Езерото Чилдир, најголемото слатководно езеро во регионот, е магично место особено во зимскиот период. Во текот на студените месеци, површината на езерото замрзнува, овозможувајќи уникатни активности како санкање, риболов на мраз и прошетки по ледената површина. Покрај тоа, посетителите можат да уживаат и во традиционалните кавкаски танци и прекрасните специјалите од локалната кујна во автентични дрвени куќички.