Истанбул го има најпрометниот аеродром во светот
Ново истражување на авијациско-аналитичката компанија „Цириум“ (Cirium) покажа дека најдобриот и најпрометен аеродром за патнички летови во светот е „ИГА Истанбул“ во Турција. На второто место е Аеродромот во Франкфурт во Германија, а трет е „Шарл де Гол“ во францускиот главен град Париз, пишува списанието „Конде наст травелер“ (Conde Nast Traveler).
Како дел од ова истражување, анализиран е бројот директни дестинации со коишто аеродромите нудат поврзување со други места во светот. Во таа смисла, прв меѓународен аеродром е тој во Истанбул, којшто работи само шест години и веќе стана лидер со 309 директни летови до 315 дестинации, како и речиси 90 милиони патници годишно (од јануари 2024 година).
Аналитичарите посочуваат дека предноста е во местополжбата на аеродромот, во градот „мост“ меѓу Европа и Азија.
Франкфурт има директни летови до 296 летови, а парискиот аеродром – до 282 лета. Следат Аеродромот „Шипхол“ во Амстердам, Холандија, и Меѓународниот аеродром „О’Харе“ во Чикаго, САД, коишто се изедначени на четвртото место – со директни летови до 270 дестинации, а потоа следи Аеродромот во Дубаи со 269 летови.
Во првите 10 се и „Форт ворт“ во Далас, САД, (261 директен лет), „Шангај Пудонг“ во Кина (243), „Хартсфилд-Џексон“ во Атланта (237) и Аеродромот „Леонардо да Винчи Фиумичино“ во Рим, Италија (234 директни летови).
„Хитроу“ – најголемиот аеродром во Лондон, со оглед на неговата историја и отвореност од речиси 80 години и сообраќајот, долго време беше еден од најдобрите светски аеродроми, но според новото истражување тој е на 12. место. Уште еден британски аеродром, исто така во Лондон – „Гетвик“ се најде на 14. место, со 221 лет до одредени дестинации ширум светот.