Исчистете го плевелот и прекопајте го лозјето


ЕРОЛ РИЗАОВ

Ако политичарите се договорат да ги одбранат граѓаните и државните интереси со тоа што ќе им овозможат на судството и на надлежните институции непречена работа во борбата против криминалот, како што тоа го прават успешно криминалците кога се договараат да ги ограбуваат и државата и граѓаните, тогаш Македонија ќе цвета. Ако, пак, моќни политичари и делители на правда се корумпирани или во служба на криминалците, ќе нема ни држава ни граѓани. Ова се парафрази на мисли од умни луѓе искажани за криминалот и корупцијата како планетарно зло, но одлично се совпаѓаат со македонската мачна и арамиска транзиција, особено сега по последниот скандал со аферата „Рекет“ што ја тресе цела држава.

Македонија повторно е вратена да полага испит за капацитетот на државноста, дали ќе победи владеење на правото или криминалците под заштита на политиката. За некого ненадејно и разочарувачки, за други очекувано и разбирливо, но во секој случај, трагично сознание во време кога Европа праќа добри пораки за нашата земја како пример во регионот и кога нашите пријатели во светот создаваат добра клима да се одреди датум за почеток на преговорите со ЕУ. Има и такви кои се сигурни дека во попречувањето на иднината на земјата имаат замешано прсти и разузнавачки служби, но има уште повеќе луѓе кои веруваат и побрзаа да пресудат дека иконата на СЈО, Катица Јанева, го нанела најголемиот удар и конечната компромитација на сопствениот успех и сè она што го постигна СЈО во изминатите години на тешка борба против криминалот на белите крагни во врвот на власта.

Но, што е тука е, со ова зло Македонија треба ефикасно да се справи, се разбира, ако функционира државата. Секое зло е и за добро, вели народната поговорка. Ако има праведна и брза истрага, судска разврска за сите инволвирани во оваа афера, без исклучок и без селекција на сите учесници, тогаш, очигледно некој избрал многу погрешен пат како да дојде до власт. И обратно, ако се забошотува чие било учеството од носителите на овој криминален чин, но и на сите претходни криминали, за кои се водат судски постапки кои се во врска и со аферата „Рекет“ и со сите предмети на СЈО и на редовното јавно обвинителство, тоа ќе означи слободен пад на власта, а што е уште полошо, и за угледот на земјата со голема извесност дека ќе се закочат преговорите со ЕУ на неодредено време по сопствена вина, без никој да нè блокира однадвор.

За овие штети по иднината на земјата нема надомест. Влогот е преголем за да се избрише сè што е постигнато во изминатите две години на тој пат поради кој било, па макар бил и премиер, претседател на државата, јавен обвинител или врховен судија. Секој што посеал, треба и да ожнее. Добра вест е што премиерот Зоран Заев е лично човекот кој прв пријавил кај јавните обвинители дека бизнисмени му се пожалиле дека биле уценувани. Лоша вест е што освен еден, досега никој од тие што се пожалиле дека се уценувани не се пријавил да сведочи. Голем привид е дека и власта и опозицијата, јавноста и медиумите, даваат целосна поддршка правдата да ги стаса сите кои се огрешиле од законите. Колку е тоа лажно ќе откриете лесно бидејќи не морате да читате меѓу редови. Едните пријавуваат сомнеж за рекет и бараат неселективна правда, а другите оставка на тој што пријавил рекет и веднаш на избори. Кој за што – Христијан Мицкоски за избори, човекот експресно излезе пред јавноста со цврст став дека најважен датум во моментот е кога ќе се одредат предвремените парламентарни избори. Тоа е единствената тема за која тој е подготвен да преговара во криминалната држава. Сè друго не е важно.

Многу поголем ефект Мицкоски ќе постигнеше ако излезеше со ставот дека во моментот најважната работа е да се даде целосна поддршка за непречена работа на двете обвинителства во гонење на криминалот и корупцијата и успешно завршување на сите покренати предмети. Обвинителствата не судат, судат судовите, што при независни судови не ретко се можни и ослободителни пресуди ако не се докаже вината. Меѓутоа, Мицкоски побрза веднаш да прогласи смрт на Специјалното јавно обвинителство, а истиот ден стаса одговорот од повеќе страни дека СЈО и без Катица Јанева, по нејзината оставка, треба да продолжи непречено со работа што останува предуслов за отпочнување на преговорите со ЕУ. Или Мицкоски е добро информиран од загрозените и уценети бизнисмени или е во тек од прва рака со истрагата. Беше веројатно погрешно информиран од истите извори дека се подготвува негово апсење што му беше добредојде да ја алармира јавноста дека и тој е жртва на прогон. Во секој случај, тој во отворањето на случајот „Рекет“ гледа шанса за укинување на СЈО и ништавност на сите предмети, како што веќе имаше обиди во медиумите да се оспори сè што сработило СЈО. Затоа повикот на ВМРО-ДПМНЕ не е толку силен за владеење на правото, колку што е силно да го нема СЈО.

Имаше еден неверојатен чин на добра надеж пред нешто повеќе од три години кога под силен домашен, граѓански и меѓународен притисок падна политички договор за формирање на Специјално обвинителство кое ќе го гони криминалот направен од врвот на власта разоткриен со бомбите од незаконски прислушуваните телефонски разговори. Тоа, за многумина, верувавме силно убедени, беше најдобрата работа што можеше да им се случи на граѓаните кои живееја во страв во ограбена и заробена држава цела една деценија. Јас уште верувам во тоа дека СЈО е најдобрата работа што ни се случи, иако сите добро знаеме колку искрено се договорија политичарите да го чистат криминалот што ја гуши Македонија, бидејќи некои од потписниците на договорот беа најсомнителни носители на организираниот криминал и корупцијата што подоцна се покажа како точно.

Работата на Специјалното обвинителство беше попречувана од првиот ден по неговото формирање. Од тој ден, од истиот час по излегување од состанокот кога е склучен пржинскиот договор политичките лицемери, и не само тие, туку безмалку целата правосудна фела ја почнаа специјалната војна за компромитација на СЈО во која учествуваа тогашниот премиер, поранешниот претседател на државата, министри, обвинители, судии во сите инстанции на правосудниот систем, од судот за прекршоци до Апелацискиот, Врховниот и Уставниот суд, пратеници, парламентот, полицијата, новинари и медиуми и разузнавачки служби. Ќе се изненадите, ама попречувањето на правдата е неказниво злосторство во Македонија. Повеќе пати пишував дека стартот на работата на СЈО требаше да биде со прецизен и јасен закон за драконски затворски казни за попречување на истрагата и правдата, особено кога го спречуваат владеењето на правдата политички моќници, судии и обвинители и носители на функции во правосудниот систем. Цели две години со притисоци беше соочено СЈО, не помалку силни и по падот на режимот на Никола Груевски, па дури и по изречената затворска казна и кога се во тек повеќе судски предмети за тешки кривични дела. Кај нас попречувачите на правдата упорно бараат власт за да ги аболираат своите криминалци, а да го затворат политичкиот противник.

Обидот за попречување на правдата во зависност од тежината на престапот може да заврши со повеќегодишна затворска казна, во некои тешки случаи и над 20 години. Во Македонија нема прецизен закон што сè спаѓа во попречување на правдата, поради што безобѕирноста и ароганцијата е дојдена до степен кога главни попречувачи на правото и правдата се тие што треба да ги почитуваат и спроведуваат законите најревносно. Ова е напишано од мојата маленкост и пред четири месеци и пред две години и пред три години.

П.С. Минатиот петок текстот го завршив со зборовите дека стаса шишето со порака до граѓаните на Македонија кое е пуштено во северните мориња пред 30 години. Многумина од моите читатели ме прашаа што пишува во пораката. Па, еве, да обелоденам. Пишува: „Златото е во лозјето, прекопајте го и убаво исчистите го плевелот. Наесен ќе го најдете богатството оставено од вашите предци“. Е, сега вие треба да соопштите што разбирате под убаво чистење на троскотот.