Исцелителните својства на медот
Се вели дека секоја куќа треба да има неколку важни продукти, од кои што еден е медот поради своите силни лековити својства. За него знаеме дека е производ од пчелите, кои што го собираат нектарот на цветните билки, а го складираат во саќето, од каде што можат повторно да се хранат и да ги хранат останатите пчели. Мирисот, вкусот и бојата зависат од видот на цвеќињата кои што тие ги посетиле, а медот може да се собира од дивите или од кошниците на домашните пчели, дејност која што ја нарекуваме пчеларство.
Сите го сакаат вкусот на медот, па така децата, но и возрасните, немаат проблем да го конзумираат на редовна основа, но и кога се заболени и затоа ова е омилен продукт кој што е хранлив и лековит. Собирањето мед е древна активност и луѓето најверојатно почнале да го собираат уште пред околу 8000 години, што е потврдено од стари пештерски цртежи. Потоа постојат записи и за неговото користење наоѓаме податоци и во стариот Египет, каде што тој се користел како природен засладувач, лек и течност за балсамирање, а со христијанството восокот од пчелите започнува да се користи и за правење свеќи.
Така и денес, во модерните продукти особено во козметиката, тој се користи во приготвувањето на шампони, различни креми за лице, но и мириси. Секако, најмногу го користиме како храна, но и неговиот производ прополисот кои што пчелите го користат да ги заштитат своите кошници од несакани гости, го користиме како продукт со којшто се зголемува имунитетот.
Една лажица мед во просек содржи 64 калории, 17 гр. шеќер, вклучувајќи фруктоза, глукоза, малтоза и сахароза, потоа околу 17 гр. јагленохидрати, 1 мг. калциум и има траги на железо. Тој не содржи речиси воопшто протеин, витамини или маснотии, но сепак има голема хранлива вредност, бидејќи има биоактивни растителни компоненти и антиоксиданси. Потемните видови на медот содржат повеќе антиоксиданси, материи кои што му помагаат на телото да ги отстрани слободните радикали, кои се продукти од различните метаболички функции, а останати состојки се флавонидите и фенолите, кои што помагаат при инфекциите од различно потекло.
Медот, исто така, е одлична замена за шеќерот и може да помогне при намалувањето на таканаречениот лош холестерол, потоа триглицеридите и воспалувањата и природно да го намали крвниот притисок. На тој начин го чува срцето во добра состојба, помага при артериосклерозата и го намалува ризикот од мозочен удар. Медот по природен пат го промовира слабеењето, особено ако често пати се заменува со белиот шеќер и може да помогне при диабетот од типот 2.
Бидејќи се користи и надворешно, медот особено е корисен ако се применува да се третираат изгореници и рани, особено оние кои што се инфицирале во постоперативна фаза. Тој е одличен лек за третман на чиреви, бидејќи има антибактериски и антивоспалителни својства, како и способност да ги храни околните ткива. Затоа и многу видови на домашно направени креми содржат мед или пчелин восок, кои што помагаат и при псоријазата или херпесот и ја оддржуваат влажнотијата на кожата.
Кај децата медот помага при силните кашлици и респираторните инфекции и на тој начин го подобрува спиењето и квалитетот на сонот, а анализите покажуваат дека неговото користење може да биде поефектно од користењето на многуте видови сирупи против кашлица. Тоа особено се однесува ако медот се користи повеќе пати во денот за да се смири кашлицата, во комбинација со различни видови чаеви и ѓумбир.
При дигестивните потешкотии, медот може да помогне да се смири надразнетата слузокожа од дигестивниот тракт и да се обноват мукозните мембрани. Тој е одличен лек против улцер, дијареја, како и за синдромот на иритабилни црева.
Духовната и терапевтска употреба на медот може да ја откриеме и во ајурведските списи во древната Индија, кои што се создадени од пред околу 4000 години и сугерираат користење на мед во подготовки на многу видови лекови.
Различни видови на мед
Мед од костен
Направен од цвеќињата на костеновите дрва, ова е еден од најпопуларните видови мед, којшто има по малку горчлив вкус. Неговиот низок гликемичен индекс го прави одличен вид мед наменет за луѓето што страдаат од дијабетес, а помага и при заболувањата на дишните патишта, како бронхитисот, астмата и ангината. Темен по боја, го коригира апетитот и ја подобрува дигестијата.
Планински мед
Овој вид мед е направен од разновидни планински и незагадени цветни растенија, кој што има силно антибактериско и антивоспалително дејство, а најчесто се користи за третирање на проблемите поврзани со респираторниот систем, потоа ринитисот, ларингитисот и синусите. Им се препорачува на лицата кои што страдаат од анемија, трудниците и доилките, како и старите и изнемоштени лица. Неговата боја може да варира од многу светла, до многу темна, во зависност од сезонските цвеќиња.
Ливадски мед
Добиен од разновидните ливадски цвеќиња, ова е мед чија што боја варира, но обично е со светла боја. Неговиот вкус е обично поблаг од останатите видови на мед, но понекогаш може да биде и горчлив. Овој вид мед помага најмногу при дигестивните проблеми и содржи многу видови аминокиселини и ензими. Поради широкиот спектар на лековити својства, ја враќа енергијата во телото, делува добро врз бубрезите, белите дробови, но и кај инфекциите и го зајакнува имунитетот.
Секако, постојат многу други видови на мед, како на пример манука медот, кој што потекнува од Нов Зеланд и има силно антибактериско својство. Потоа медот од акација, кој што е по потекло од Северна Америка и Европа и има силен цветен вкус, а е добар при лекувањето на стомачните заболувања. Во Калифорнија се изработува и мед од авокадо, кој што е темен по изглед и има силен вкус на путер. Во Нова Англија и Мичиген се произведува мед од боровинки, кој што има светла боја и пријатен вкус и често се служи при појадоците. Медот од еукалиптус се добива во Австралија и Калифорнија од над повеќе од 500 различни видови дрва и хибриди, кој што има силен вкус на ментол, а е одлична заштита против настинките и главоболките. Медот од глуварче се користи во Кина, Тибет и Индија и има темна боја, со силна цветна арома.
Сите видови мед треба да се користат служејќи се со дрвена лажица.
Ирена Танчева