Ирански министер: Ќе го отвориме Ормуз за две недели


Техеран – Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека се согласил да „ги запре бомбардирањата и нападите врз Иран за период од две недели“, под услов Техеран да се согласи целосно да го отвори Ормускиот теснец.

Трамп претходно му даде рок на Иран до вторник во Вашингтон – или до 2 часот наутро по централноевропско време – повторно да го отвори Ормузскиот теснец, клучен за глобалните испораки на нафта. Во спротивно, тој се закани со уништување на „цела цивилизација“.

„Во име на Исламската Република Иран, изразувам благодарност и почит кон моите драги браќа, Неговата екселенција премиерот Шариф од Пакистан и Неговата екселенција фелдмаршал Мунир, за нивните неуморни напори за ставање крај на војната во регионот, соопшти иранскиот министер за надворешни работи.

„Како одговор на братското барање на премиерот Шариф во неговото соопштение на X, и земајќи го предвид барањето на Соединетите Американски Држави за преговори врз основа на нивниот предлог од 15 точки, како и соопштението на претседателот на САД за прифаќање на општата рамка на иранскиот предлог од 10 точки како основа за преговори, со ова изјавувам во име на Врховниот совет за национална безбедност на Иран:

Доколку нападите врз Иран бидат запрени, нашите моќни вооружени сили ќе ги прекинат своите одбранбени операции.

Во период од две недели, ќе биде обезбеден безбеден премин низ Ормузскиот теснец, во координација со иранските вооружени сили и земајќи ги предвид техничките ограничувања“, објави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.

Иран прогласи победа

Иран тврди дека извојувал голема победа и ги принудил САД да го прифатат неговиот план од 10 точки, се вели во соопштението на Врховниот совет за национална безбедност на Иран.

Ова се 10-те точки:

Обврска за ненапаѓање
Продолжување на иранската контрола врз Ормускиот теснец
Прифаќање на збогатувањето на ураниум
Укинување на сите примарни санкции
Укинување на сите секундарни санкции
Укинување на сите резолуции на Советот за безбедност на ОН
Укинување на сите резолуции на Одборот на гувернери
Исплата на компензација на Иран
Повлекување на американските борбени сили од регионот
Крај на војната на сите фронтови, вклучително и против Хезболах во Либан