Иранска ракета погоди болница во јужен Израел
Изрелскиот министер за одбрана изјави дека на лидерот на Иран, Али Хамнеи, „веќе не може да му се дозволи да постои“

Иран испали бараж од околу 30 балистички ракети рано утрово во четврток, предизвикувајќи директен удар врз главната јужна болница во Израел, Медицинскиот центар „Сорока“, а имаше уште два удари во централните градови Холон и Рамат Ган. Повредени се десетици луѓе, вклучувајќи шест во сериозна состојба.
Службата за итни случаи соопшти дека еден маж, 80, и две жени, обете на возраст од околу 70 години, се меѓу шестмината тешко повредени.
Баражот беше најновиот удар од Иран на Израел со балистички ракети. Израел минатата недела почна да напаѓа ирански нуклеарни и воени објекти, наведувајќи ја непосредната егзистенцијална закана што ја претставуваат.
Медицинскиот центар „Сорока“ е главната болница на југот на Израел.
Министерот за одбрана на Израел потоа изјави дека на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, „веќе не може да му се дозволи да постои“, објави агенцијата Франспрес.
Израел Кац им рече на новинарите во Холон во близина на Тел Авив:
Хамнеи отворено изјавува дека сака Израел да биде уништен – тој лично дава наредба за пукање врз болниците. Тој смета дека уништувањето на државата Израел е цел.
На таков човек повеќе не може да му се дозволи да постои“.
Генералниот директор на болницата, проф. Шломи Кодеш, изјави за медиумите: „Ракета ја погоди старата зграда на хируршкото одделение во ‘Сорока’. Тоа е релативно стара зграда која беше евакуирана во последните денови“.
Тој додаде: „Има голема штета на другите згради во болницата. Сите пациенти и целиот персонал беа во засолништа. Неколкуте повредени што ги имаме се лесно повредени, претежно од ударниот бран на експлозијата.“
Иран тврдеше дека балистичката ракета што ја погоди болницата „Сорока“ во Бершеба била насочена кон соседниот објект на военото разузнавање.
Во близина на болницата „Сорока“ нема израелски воени објекти. Базата на Јужната команда на Израелските одбранбени сили се наоѓа на повеќе од два километри оддалеченост, а на нешто повеќе од еден километар се наоѓа воена база во изградба.
Болницата има над 1.000 кревети и обезбедува услуги за приближно еден милион жители на југот на Израел, според веб-страницата на болницата.