Инвазијата ќе биде крајот на Путин, вели британскиот министер за одбрана
Британскиот министер за одбрана Бен Валас во вторникот изјави дека неговата земја ќе ја поддржи Полска доколку таа одлучи да испрати борбени авиони во Украина, но предупреди дека тоа може да има директни последици за Полска.
„Јас би ги поддржал Полјаците и нивниот избор, каков и да е“, изјави Валас за Скај њуз, според Ројтерс, додавајќи дека Британија не може да понуди авиони што Украинците би можеле да ги користат.
„Ние би ја заштитиле Полска и би им помогнале со сѐ што им треба“, рече Валас.
„Полска разбира дека нејзините одлуки не само што директно ќе ѝ помогнат на Украина, што е добра работа, туку може и да ги доведат Полјаците во директен конфликт со земји како Русија или Белорусија“, додаде британскиот министер.
Британија испрати одбранбено оружје за Украина, како и друга воена и хуманитарна помош. Валас рече дека во среда ќе го информира парламентот за тоа каква понатамошна помош ќе обезбеди Британија, а ќе зборува и за мерките што британската влада ќе ги повика другите земји да ги спроведат.
Валас рече дека рускиот претседател Владимир Путин е „потрошена сила во светот, без разлика како ќе заврши војната во Украина“ и предвиде дека инвазијата ќе биде негов крај.
„Претседателот Путин е потрошена сила во светот и готово, неговата војска е завршена. Мора да го признае тоа“, изјави Валас за Тајмс радио.
Британскиот министер смета дека инвазијата не оди според планот на Русија.
„Ова ќе биде крајот на Путин, како што треба и да биде“, рече Валас, додавајќи дека „би било невозможно да се окупира таква нација и држава“.
„На долг рок, никој повеќе нема да ги прима неговите телефонски повици. Тој ја исцрпи својата војска, одговорен е за смртта на илјадници руски војници, за убиствата на невини луѓе. Тој ја сведе руската економија на нула. Тој мора да преземе одговорност за тоа“, заклучи британскиот министер.
Тој за Би-Би-Си изјави дека силите на Путин стануваат сè поочајни и дека Русите последователно ја удвоиле својата бруталност.
„Русија сè уште не напредува, веќе е 13-ти ден. Војниците на север се прилично заглавени“, додаде тој.