Интервју со Наташа Петровска: Кога велеа губиме – победувавме, кога велеа победуваме – губевме

Новото раководство на СДСМ не треба само да ги крпи шевовите во партијата, треба да има промени во делови од штофот, вели екс-градоначалничката на Битола


Можев да бидам понагласено тврда во барање одговорност, вели Наташа Петровска

 

БИТОЛА – Донеодамнешната градоначалничка на Битола, Наташа Петровска, вели дека до ден-денес никој не ѝ објаснил зошто не била кандидирана за втор мандат на локалните избори. Во интервју за „Независен“ таа дава нејзино видување зошто СДСМ ги загуби изборите во Битола и што би требало да направи новата раководна структура во партијата. Таа вели дека погрешните потези пред локалните избори во неколку големи градови имале домино ефект во целата држава

 

Политиката знае да биде сурова. Според нашите информации, на анкетите имавте највисок рејтинг, но сепак не добивте шанса за втор мандат во Битола. Знаете ли зошто се случи тоа?

Да. Според она што имав можност да го видам, и од анкетите на СДСМ и од останатите политички учесници во изборниот процес, имав убедливо водство, како во однос на сите кандидати кои беа во игра во самата партија и во однос на тие од другите партии кои подоцна учествуваа на избори. Единствено заради одредени личности на кои им пречев, пред сѐ заради нивни лични побуди, исклучиво нивни лични интереси, не бев кандидирана. Никогаш не ми беше објаснето зошто тоа е така, што покажува дека партијата не умеела човечки да се однесува кон своите луѓе. Не зборувам за други карактеристики, она што вчудоневидува е непочитта не само кон мене – оти да е кон мене можеби има основа да се гледа дека во мене е причината – туку, едноставно, кон многумина. Луѓето преку медиуми дознаваа низа информации за себе, а кои биле одлуки на одредена група. Тоа потврдува дека системски не се почитувал кодексот на партијата. Ќе повторам, до ден-денес никој, не што не ми објасни, туку и не разговарал со мене зошто не бев кандидирана.

 

Во битолската јавност се гледаше дека сте гневни на таа одлука на раководството на СДСМ. Наводно, дури не сте му кревале телефон на Зоран Заев. Ви помина ли гневот?

Не би рекла дека гнев е вистинскиот збор. Повеќе би рекла дека е грижа за градот, за партијата која ја имав од почетокот. Затоа што го знаев исходот на тој чекор. Грижа затоа што некој се дрзнал да агитира за луѓе кои се наоѓаа на дното од листите на анкетите. Да е иронијата поголема, меѓу нив има и факултетски образовани и доктори на науки, кои по вокација треба да знаат што значат статистиките и кои се ризиците ако не ги почитувате. Дури криеја и дека агитираат за свои роднини, пак ќе речам од нивни побуди. Но, најстрашното е што тоа влијае на судбините на сите нас, граѓаните, па и партиските членови од кои сега се бара доверба. Да нагласам, зборувам за поединци. За луѓе со име и презиме и кои со земањето на тоа право треба да се носат и со одговорноста на грешниот став. А дека беше грешен покажа времето. Да носат одговорност за нивната дрскост и безобразност да поттикнат фијаско на локалните избори. Во оваа пригода, а и во сите други, сите оние на кои не им одговарав, а ги знаеме сите во партијата, ќе треба да имаат храброст да ги погледнат сопартијците во очи и да објаснат, зошто ги обезвреднија анкетите кои на сите партии им укажуваа (според нивните истражувања) која е победничката варијанта. Е сега, тие кои земаат плати од политиките поддржани од останатите кои сега се во незавидна положба заради стопирање на здравите политики, замислете бараат доверба и треба да се наш лик на социјалдемократијата и на вредностите за кои сме се залагале.

Со претседателот Заев сме имале комуникација во која ги навестив моите чекори. Исто така и со негови блиски луѓе. Стојам на ставот дека со тоа што не добив кандидатура за втор мандат некредибилно беше мое делување во поинаква форма.

Не сме еднакви во уживањето во џиповите и базените стекнати од политички функции, нагласува Наташа Петровска

 

Колку вашиот случај, потоа случајот на градоначалникот на Радовиш, кој не доби шанса за втор мандат и ситуацијата во Куманово, придонесоа за перцепцијата на гласачите за она што се случува во СДСМ за да дојде поразот на локалните избори?

Не би ги издвоила само овие три општини. Зборувам општо за катастофално функционирање на системот во делот на кадровската политика. Не може да имате директори кои немаат ден работен стаж во дадената проблематика – а тоа се случуваше, не може да носите одлуки за личности атакувани по пишувани пораки, снимени материјали, а притоа да не ги повикате оние за кого носите одлука. особено кога таа влијае на судбината на социлајдемократските политики. Не може да носите суд без да ги сослушате сите страни. И сега времето покажува дека многу информации не се така како што биле пласирани. А каде е одговорноста за оние кои ги пласирале тие информации заради свои хирови и комплекси, или интереси?! Тоа така не може да функционира.

И да, сметам дека погрешните потези во големите градови, што заради кандидати, што заради несоодветни дури и навредувачки изјави на поединци, влијаеја врз резултатите не само во тие градови, туку и во помалите општини. Се случи домино ефект или потврда на законот за гравитација (метафорично кажано). 

 

Какви се вашите односи сега со партијата, бидејќи во кампањата на кандидатот на СДСМ за Битола нападно се дистанциравте од сите активности.

Апсолутно не ги прифаќам зборовите „нападно дистанцирана“. Во кампањата бев вклучена онолку колку дозволуваа тие што ја замислија и ја водеа кампањата во Битола. Луѓето, личностите не се марионети. Јас максимално до последниот ден работев на спроведување на програмата на општината, која исто така беше во функција на исполнување на програмата на партијата. Кој и колку тоа го користеше, и како во кампањата, е друго прашање.

Јас со своите промоции сѐ уште ги истакнувам резултатите на едни здрави политики на СДСМ, кои се потребни во овие простори и за кои стануваат свесни политичари од различни политички партии, а кои сѐ повеќе ќе бидат причината за соголување на популистичките и лажните патриоски политики, преживувања кои стануваат демоде, многу побрзо отколку што нивните претставници се свесни за тоа.

 

СДСМ сега има нов лидер, Димитар Ковачевски. Што очекувате од новото раководство? Дали тоа ќе може да ги закрпи шевовите што се појавија во последно време во партијата?

Посакувам да не е флоскула – учиме од грешките. За какви шевови зборуваме?! Овде треба да има промени во делови од штофот. Е, сега, прашање на знаење е дали можете да препознаете кој е нездравиот дел од материјалот. А него го има. И да, значаен е и конецот за крпење на шевовите, и тој треба да е здрав. Прифаќам и подржувам обединување. Но на што и околу што? Затоа поимот обединување, партиско и национално, би го заменила со здраво вклопување на здрави елементи. Оти никој, барем од оние кои се мои истомисленици (што значи, без ни најмалку скромност се вбројувам меѓу оние со здрави политики), не се подготвени токму оние кои се одговорни за погрешните чекори и прикажувањето на погрешни слики, сега повторно да бидат оние кои треба да имаа значаен збор. Тие погрешија со нивни анализи за парламентарните избори и нивните гаранции, погрешија и сега. Кога велеа ќе губиме – победувавме, кога велеа победуваме – губевме. И како може тие луѓе сега да имаат кредибилитет? Дали тоа ќе биде така, зависи од тоа какви чекори ќе преземе претседателот Димитар Ковачевски.

 

Изгледа логично дека општинските организации на СДСМ ќе добијат нови раководства по изборот на нови раководни луѓе во партијата. Дали можеби ќе се кандидирате за лидер на општинската организација на СДСМ?

Што и како ќе преземам зависи од околностите кои се менуваат со сериозно брза динамика. Си оставам право за себеси согласно тие околности да делувам. Но секако дека социјалдемократијата е нешто што е моја определба и нема да дозволам никому лесно да си поигрува со сите нејзини вредности, разочарувајќи ги граѓаните, токму оние кои ѝ го дадоа сигналот на локалните избори дека СДСМ застранила во сочувување на овие вредности. Оти не сме еднакви во уживањето во џиповите и базените стекнати од политички функции. Треба да сме еднакви во борбите и носењето товар. Такви диспаритети не може да опстојат.

 

Што мислите за потпретседателското место во партијата за пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска, како битолчанка. Дали тоа на вистински начин ќе придонесе за јакнење на позициите на СДСМ во Битола?

Добро е што Битола има висока партиска функција. Бисера е пратеник од Битола. Мислам дека нејзиното претставување на битолчани од таа позиција требаше да биде надополнето со потпретседател на друг битолчанец, со што влијанието на Битола во централата каде се носат одлуките ќе беше посилно. Вака, имаме нешто што ние го нарекуваме акумулација на функции, што партијата не ги поддржувала како заложби. Едноставно, колку повеќе луѓе ви се присутни во круговите каде се одлучува, толку подобро за имање влијание во носењето на одлуки. Како пример би кажала, кога се именуваа членови на ЦО јас тогаш го повлеков своето име од истите причини за отварање можност на ширење на спектарот на луѓето кои би биле дел од некое тело, со што би имале повеќе влијание (јас како градоначалник бев присутна на ЦО, немаше потреба од удвојување на основата за присуство на ЦО). Иако некои и тогаш не го практикуваа тоа за евентуално да си обезбедат подолго лично траење. Но, зборуваме за принципи, за филозофија, за ширина која треба да ја имате како политичар. Нека ми простат младите кои се дел од овој орган во партијата, но зошто требаше Битола да ја пополнува квотата со двајца младинци?! Во тој случај, покрај нив требаше да се зголеми бројот на членови на ЦО од Битола. Станува збор за орган, кој за општинска организација со големина како Битола каде е најголемото членство,треба да има и повеќе партиски и политички искусни луѓе. Но мислам дека и тоа не беше случајно. Тоа е посебна тема за која можеме да зборуваме уште долго. Експерименти од понатамошни чекори во стил на школски, пријатели, подредени… нема да поминат меѓу здравите мислители.

 

Од што најмногу сте задоволна во вашите четири години како градоначалничка на Битола?

Од општина која имаше неисплатени обврски, тантела слаб буџет, образовни институции во очајна состојба, објекти на општината речиси пред распаѓање, немање проектна документација за инфраструктурни проекти, слаба реализација на меѓународни проекти, дојдовме до општина која државните и меѓународните институции ја земаат како пример како со домаќинско и транспарентно работење се постигнуваат резултати за почит, да се плаќа без да има опасност од фискална нестабилност, да се преземаат обврски со покриени финансиски средства. Зборуваме за изградени и реконструирани  улици кои се главни артерии во градот, како што се „Илинденска“, „Партизанска“,  улиците во поранешната касарна, во „Ремо“, деновиве заврши дел од „Солунска“, „Довлеџик“ е со обемна реконструкција, реконструиран е делот на влезот од Прилеп и голем број помали улици претставени во отчетот 2017-2021. Значи зборуваме за километри улици. Да не ги набројувам улиците од по 100 метри како што деновиве некои ги набројуваат. И тоа за улици одработени од друг – претходна локална самоуправа.

Задоволна сум и горда за реконстурираниот Офицерски дом, бидејќи деновиве се гледа каков објект се врати во полн сјај. Задоволна сум што имаме најубава куглана, реконструирана спортска сала, изградена северна трибина на стадионот, реконструирани месни заедници. ЛЕД осветлувањето е реалност, со сопствени средства од буџетот, со начин по што сме единствени во државата. Речиси и да не постои училиште во кое не се направени сериозни инфраструктурни зафати. Оставив околу 30 готови проекти до пред изведба за инфраструктура со обезбедени финансии. Изработен е  проектот за гасификација на градот. Релизирани се меѓународни проекти, меѓу кои и за прв пат Битола е како носител. Набавени се шест еколошки возила за транспорт во корист на граѓаните, меѓу кои и електрични (за прв пат) што е добра основа за поинаква стратегија на јавен превоз, изградени се огромен број на детски паркови, имаме најголемо вложување во спортот, вратени се ракометот и кошарката на ниво кое ја насетува славата од минатите добри времиња, и сето тоа со почитување на законите и со поставување на една култура на целосно антикорупциско делување. Имаме јавни претпријатија кои го обновија возниот парк. За прв пат општината набави противпожарно возило и опрема и го зголеми бројот на пожарникари што не беше направено со децении наназад.

Наташа Петровска е задоволна од она што го постигнала во четирите години во Битола: Од прошетката со американската амбасадорка Кејт Брнз по битолските улици

 

Што можевте да направите повеќе? Сега кога не сте на функцијата каде гледате дека најмногу згрешивте – во некои ветувања што објективно не можеа да се остварат или можеби од начинот на кој се претставуваа во јавноста успесите што ги постигнавте.

Јас сум задоволна со тоа што го постигнав и што оставив чист терен, добри услови и проекти кои се визија за долгорочен развој на Битола. За градот треба да се размислува долгорочно, бидејќи некои чекори можеби не носат моментални ефекти, но се неопходни за развојот на градот. Можев да бидам понагласено тврда во ставовите за барање одговорност. Оној кој требал да има замена за подобрување, независно дали некој настојувал на приказната за обединување по секоја цена, не сум требала да му давам следни шанси. Едноставно, тоа што не е во ред, не е, и тука нема компромис. Сум ја имала одговорноста и не сум смеела да бидам мека во правото да пресечам целосно во сите ситуации. Требаше во тоа да одам до крај. Иако и она за кое делував така, носеше последици на шиканирање.

Успеси имаше. Но, внатре во СДСМ имаше луѓе кои нарачуваа медиумски претставувања, заради лична потреба, а за што имам и докази. Повторно ќе нагласам, не зборувам за СДСМ, зборувам за поедници кои имаат име и презиме.

 

Каде е сега Наташа Петровска, каде ќе ја продолжите вашата професионална кариера – дали се враќате како професор по математика или размислувате за нешто друго? Или можеби веќе имате поинакви понуди?

По природа сум личност која ја сака креативноста и ја наоѓа во различни животни ситуации. Не сакам по секоја цена да правам нешто, независно дали е во политиката или не, но едно знам, дека најважно е здравјето и дека не сум уморна во творење и политичко дејствување.