Интервју со Фатмир Битиќи: Сите мерки на СДСМ поминаа низ симулации и се тестирани
Економската програма на СДСМ е многу прецизна, одмерена, реална и поставена на цврсти економски фундаменти споредено со програмите на другите партии. Нашиот концепт за развој суштински се разликува од оној на ВМРО-ДПМНЕ, вели Фатмир Битиќи, советник на премиерот и претседател на Економската комисија на СДСМ
Мирче Јовановски
Политичките партии и на овие избори излегоа со големи ветувања за економски раст, повисоки плати, многу проекти… Колку се остварливи ваквите амбициозни цели имајќи во предвид дека корона кризата остави и допрва ќе има последици врз економијата и врз секојдневниот живот? Во интервјуто за „Независен“, советник на премиерот и претседател на Економската комисија на СДСМ, Фатмир Битиќи вели дека проектите кои се дел од нивната изборна програма „Можеме“ се тестирани на база на моменталните перформанси на домашната економија и среднорочните проекции, целосно земајќи ги во предвид влијанието и ризиците од здравствената криза под влијание на Ковид-19. Тој нагласува дека определбата на партијата и натаму е вложување во човечкиот капитал и подобрување на условите за стопанисување, развој на инфраструктурата, образованието и тн.
Напоменуваме дека „Независен“ побара интервју и од Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, кој побара да му бидат испратени прашања што беше сторено уште во понеделникот, на 6 овој месец. Во текот на вчерашниот ден Славески по мејл посочи дека не е во можност да прати одговори на прашањата. „Покрај обврските во изминатите неколку дена, заклучив дека поради начинот на кој се формулирани барем половина од прашањата, пред да пристапам со одговор треба да ја негирам вашата констатација, што би било непродуктивно за вашите читатели“, истакна Славески.
Господине Битиќи, во изборната програма на СДСМ, а и на другите партии, фокусот е ставен кон мерки кои во основа значат зголемени трошења од Буџетот (субвенции, грантови и тн), или пак намалени приходи (ослободување од даноци, придонеси…). Како ќе се реализираат сите тие ветувања за поголеми плати, инвестиции… Од каде пари за такво нешто?
Сите мерки предложени во програмата на СДСМ се креирани врз основа на предлози кои претходно поминале низ симулации и тие се тестирани врз база на моменталните перформанси на домашната економија и среднорочните проекции, целосно земајќи ги предвид влијанието и ризиците од здравствената криза под влијание на Ковид-19.
Поголемите трошења во буџетот во насока на поддршка на домашните компании за време на корона кризата се неминовни и нужни, затоа што тој е единствениот начин на кој државата може да им помогне на бизнисите кои се најпогодени. Паралелно со процесот на амортизирање на ударот од корона кризата, државата започна да спроведува и конкретни програми во насока поддршка и субвенционирање на инвестициите на компаниите, процес со кој сме сигурни дека крајот на корона кризата ќе го дочекаме многу поспремни, затоа што зголемените капацитети на компаниите значат зголемување на обемот на работа, што на крај ќе резултира и со поголеми приходи во буџетот.
Во врска со ослободувањата од плаќање на одредени даноци во овој кризен период, мислам дека направивме еден многу внимателен избор кај кои даноци и кои даночни обврзници се ослободени од плаќање, и ефектите од истите се потврдени како соодветни од институции како Светска Банка и ММФ. Ослободувањата од даноци кои пак се наведни во програмата 20-24 на СДСМ се исто така внимателно дизајнирани и се во насока на поддршка на работниците и креирањето нови работни места што пак е во корелација со нашиот основен постулат, а тоа е вложувањето во човечкиот капитал.
Економските претпоставки за реализирање на мерките се дека корона кризата сепак ќе заврши. Што доколку продолжи, имате ли план Б за опстанок и развој на економијата и во такви околности?
Состојбата со Ковид-19 се уште е многу непредвидлива, па така и имплементацијата на предложените мерки ќе зависи од времетраењето на кризата. Ние очекуваме таа да заврши на почетокот на 2021, но секако сме подготвени таа да трае и подолго, според најпесимистичките предвидувања до почетокот на 2022.
Оттука можам да ви потврдам дека ние и понатаму ќе ги преземаме сите неопходни мерки за санација на штетите и амортизирање на падот кај економските сектори кои ќе трпат штети од оваа криза, но секако дека и максимално посветено ќе работиме на конкретните мерки насочени во развој на оние економски гранки за кои корона кризата не претставува голема пречка и кои имаат голем потенцијал и висока додадена вредност на производите и услугите кои ги испорачуваат.
Во што е спецификата на економската програма на СДСМ и во што се издвојува од програмите на другите партии, како на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, на пример?
Економската програма на СДСМ е многу прецизна, одмерена, реална и поставена на цврсти економски фундаменти споредено со програмите на другите партии.
Вистинската грижа за работниците ја искажуваме со тоа што ја зголемивме минималната плата преку 60 проценти од 9.000 на 14.500 денари, и тука јасно кажуваме дека минималната плата ќе оди до 20.000 денари на крајот на новиот мандат, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ кои ветуваат минимална плата на ниво од 60 отсто од медијалната плата, или износ кој ако се пресметува денес е некаде под 13.000 денари.
Покачена е и просечната плата за 21 отсто ако ги споредуваме јануари 2020 (27.540 денари) со јануари 2017 (22.750 денари), и истата ќе ја покачиме на 34.000 денари до крајот на 2024 година, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ кои немаат конкретни проекции во колкав износ ќе растат платите и колкав ќе биде износот на просечната плата во 2024 година.
Ние предлагаме даночни реформи во насока на поддршка на бизнисот преку системски мерки кои резултираат со забрзан развој и зголемување на бројот на вработените, додека ВМРО-ДПМНЕ предлага натамошно намалување на даноците кои само ќе им останат на сметка на газдите без тој доход да се прелее кон работниците, а на крај целиот тој систем ќе генерира дополнителен буџетски дефицит во износ од околу 1 отсто од БДП годишно (105 до 115 милиони евра годишно, или вкупно 450 милиони евра) во наредните четири години.
Интензивното вложување во инфраструктурата и големите капитални објекти ќе биде обележје на наредните четири години. Проблемите кај големите автопати наследени во 2017 веќе се разрешени и интензивно се работи на нив, се работи на неколку делници експресни патишта, и како никогаш до сега се асфалтираат патишта низ малите населени места во рамки на проектот „Македонија без кал“. Само за споредба, ЈПДП има рехабилитирано повеќе патишта во изминатите три години споредено со целиот период на владеење на ВМРО-ДПМНЕ претходно. Ова ќе претставува огромна поддршка за градежниот сектор, а исто така и олеснување на протокот на стоки и услуги за бизнисот во државава.
Во програмата на СДСМ, меѓу другото, акцент се става на дигитализација на општеството за рестарт на економијата. ВМРО-ДПМНЕ пак, покрај тоа зборува и за индустријализација на земјата. Дали станува збор за два сосема различни концепти за натамошниот развој на земјата?
Дигитализацијата е сегментот на кој посебно ќе се посветиме во наредниот период, не само заради светските трендови, туку затоа што навистина веруваме дека тоа е алатката која ќе ни овозможи брз и одржлив економски развој. Ќе го намалиме персоналниот данок од доход во ИТ индустријата до 0 отсто во 2023 година. Во оваа насока ние веќе ја развиваме државата како регионален акцелератор за старт-ап компании, а од почетокот на 2019 во соработка со експертски тим од ЕУ започна со работа научно-технолошки парк во Скопје.
Новите иновативни технологии ќе бидат воведени и за зголемување на квалитетот на реализација на јавните финансии. Воведуваме CITFU (Capital Investment Task Force Unit) за секоја позначајна инвестиција, со што на меѓународен тендер ќе се изберат бизнис лидери/менаџери кои ќе бидат платени по исполнување на одредени таргети за реализација на инвестицијата. Воведуваме и буџетско финансирање по принципот на исполнување на развојни индикатори, кои ќе се следат квартално и следствено на реализираните износи ќе се одобруваат износите за наредниот квартал.
Секако дека нашиот концепт суштински се разликува од оној на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што ние веќе почнавме одредени процеси во насока на дигитализација на општеството и економијата, додека ВМРО-ДПМНЕ зборува како ништо во државава претходно да не се правело, и најавуваат концепти и програми кои многу одамна се напуштени.
Економскиот развој е невозможен без правна држава и солидно образование. Ова се сепак долгорочни процеси, а нам ни требаат брзи резултати на планот на економијата. Како да се забрзаат таквите процеси?
Новите законски решенија во оваа област донесени во минатите три години беа исклучиво во насока на реформирање на судството и обвинителството и нивно поставување на здрави нозе, со што целокупното општество, секако и економијата, ќе имаат бенефит. Како што и вие истакнувате во вашето прашање, тоа е процес кој трае подолго, и се надевам дека брзите и ефикасни судски процеси ќе бидат дел од нашето секојдневно живеење во многу блиска иднина.
На планот на образованието покрај покачените плати на професорите во основно, средно и високо образование, како и вложување во образовната инфраструктура, започнуваме со реформирање на истото во насока на задоволување на потребите на бизнисот. Во 2019 се поставија основите за воведување на т.н. дуално образование со отпочнување на образовни програми кои ќе продуцираат кадри за: ЕВН, Дрекселмаер, Костал, ОДВ Електрик и други компании. Преку даночни ослободувања на трошоците кои компаниите ги имаат за: преквалификација, доквалификација и обука на своите вработени дополнително го стимулираме подигнувањето на нивото на знаење и вештини на работниците.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев повеќепати рече дека во 2024 година Македонија ќе има отворено 80 отсто од поглавјата на ЕУ. Тоа е прилично „брза лента“. Има ли Македонија кадровски, па и економски потенцијал за вакво нешто имајќи во предвид дека тоа ќе значи имплементирање на европски стандарди во многу области – од општествениот живот, стопанството, екологијата?
Нашата држава и тоа како има кадровски потенцијал кој ќе ги води интегративните процеси во ЕУ буквално на „брза лента“. Нашата верба во човечкиот капитал не е само флоскула, туку реалност, и со системски пристап ние како влада ќе направиме правилна селекција на кадри кои ќе се носат со предизвиците низ евро-интеграцискиот процес. Економијата која и до сега функционираше на пазарни принципи, според мое мислење, е еден од нашите најсилни адути во овој процес.
Сакам да потенцирам дека иако ние не сме дел од ЕУ, изминативе три години нашите макроекономски перформанси целосно кореспондираат со Мастришките критериуми. Дополнително, за разлика од првите четири години од МФФ 2014-2020 (буџетот на ЕУ кој се носи на секои 7 години) кога нашата земја имаше мизерно искористување на парите од ЕУ, во овие три години процентот на искористеност е далеку повисок, и тој тренд ќе продолжи и во наредните четири години.
Зборувајќи за ЕУ не можам а да не го забележам предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за отворање на слободна финансиска зона во која ќе важат посебни закони, што е дијаметрално спротивно од препораките и насоките на ЕУ за даночното законодавство.