Интервју со Едвард Џозеф: ЕУ нема стратегија за Балканот


Едвард Џозеф (Фото: Б. Грданоски)

Политиката на Европската унија кон регионот е кратковида и без стратегија. Парадоксално е што САД поради безбедносните закани го сфаќаат Балканот сериозно, а ЕУ не. ЕУ треба да докаже дека сака да биде унија, вели Едвард Џозеф во интервју за „Независен“

 

Љупчо Поповски

Едвард Џозеф е фамилијарно лице во македонската јавност. Тој е поврзан интензивно со Македонија уште од 2001 година за време на конфликтот кога беше известувач за нашата земја за Меѓународната кризна група и еден од спроведувачите на американската политика овде. Џозеф беше и еден од меѓународните актери во војната во Босна и Херцеговина во 1990-тите и еден од учесниците во повеќе рунди на српско-косовските преговори. Неговите оценки се слушаат внимателно во целиот регион. Сега предава на Школата за напредни меѓународни студии „Џон Хопкинс“.

Во своето обраќање на Преспа форумот во Охрид изјави дека Европската унија со блокадата на Бугарија извршила предавство што ги стави во нелагодна ситуација многумина од присутните. Во интервју за „Независен“ тој објаснува зошто ЕУ нема стратегија за овој регион и од каде доаѓа тоа. Главниот проблем, според Џозеф, е што ЕУ е длабоко поделена. „ЕУ не ги исполнува своите аспирациии да биде унија“, вели Џозеф и затоа доживува стретегиски неуспеси.

 

Вашата изјава на Преспа форумот дека ветото на Макрон за Македонија беше историската грешка, а блокадата на Бугарија предавство на ЕУ, предизвика мала бура на конференцијата. Зошто предавство?

Затоа што визијата за целиот регион е дека Западен Балкан ќе биде дел од Европа, а всушност тој е дел од Европа. Стратегијата на Западот и визијата е дека тој ќе стане дел од Европската унија. Премисите се дека вие го направивте тоа што беше побарано. Кога требаше да ги решите вашите потешкотии со соседите вие ги решивте. Тоа беше договорот. И оваа земја го направи тоа. Тоа го направи со Преспанскиот договор, не беше лесно, но беше направено со достоинство за двете земји. Македонија го промени своето име и сега тоа стана обврска на ЕУ. Грција направи отстапки за македонскиот јазик, македонскиот народ.

 

Па тогаш зошто ЕУ не се придржува до своите обврски и ветувања?

Тоа е поради многу кратковиди причини. Главната работа е што ЕУ не го зема предвид фундаментално и сериозно регионот.  Тоа беше поентата на мојот настап на овој настан. Ако ЕУ сака да биде сфатена сериозно, мора да го сфати Балканот сериозно. Ова е одличен пример за тоа што се случува во Европа. Јас зборував како Американец и реков како би можеле ние да ја сфаќаме ЕУ сериозно, ако таа не го сфаќа сериозно Балканот. Ова е многу кратковидо и со недостаток на посветеност.

 

Зошто е тоа така?

Последиците од тоа се на пример кога Французите велат ние не сакаат да бидат зависни од САД, а во исто време не сакаат да го сфатат Балканот сериозно. Парадоксот е во тоа што САД никогаш не сакаа да бидат лидери во овој регион, да ја преземат одговорноста. Но, за време на војната во 1990-те, кога Европа беше толку многу поделена и не можеше да се постави соодветно против националните поделби, војната, етничкото чистење, стотиците илјади бегалци, тогаш Америка имаше интерес да се вклучи многу посериозно. Ние сѐ уште имаме интерес за вклучување, поради Русија и Кина. Поради неуспехот на ЕУ да ги затвори овие поглавја и да ги внесе овие земји внатре во Унијата. Тоа е стратегиски неуспех.

Едвард Џозеф: Во блокадата на Бугарија нема никаква европска вредност (Фото: Б. Грданоски)

 

Поранешниот американски државен секретар Џон Кери пред шест години изјави дека Македонија е на линијата на огнот поради инволвираноста на Русија. Тој став изледа го дели и оваа администрација во САД. Зошто ЕУ не може да ги забележи овие опасности за регионот?

Тоа е одлично прашање. Зошто? Јас не можам да дадам целосен одговор на ова, туку повеќе теоретско размислување за перцепциите во секоја европска престолнина, бидејќи тие имаат различни погледи. Има неколку објаснувања. Едно е дека тие се поделени. Тие имаат свои „охридски и преспански отворени прашања“, коишто треба да ги решат. Шпанија на пример, го има „охридскиот проблем“ со Каталонија. И токму поради тоа што имаат свој „охридски проблем“ тие не го признават Косово. И бидејќи не го признаваат Косово, Србија не го признава Косово. И бидејќи Србија не го признава Косово, нема потреба да се реформира, нема потреба да направи избор. Србија може да игра со Русија и Кина, и Македонија влегува во овој процеп. Ако Шпанија го признае Косово, тогаш Србија ќе мора да избере. Тие тогаш ќе го изберат Западот и тогаш ќе може да се реши проблемот со Косово, со Црна Гора, со Босна. И тоа ќе има извонредно влијание овде, бидејќи Бугарија тогаш не ќе може да продолжи со ваква блокада, кога сите други во регионот прават прогрес. И ако таа продолжи да блокира притисокот врз неа ќе биде огромен.

Но, ЕУ е поделена, тоа е проблемот. Тие не ги исполнуваат своите аспирациии да бидат унија. Унија значи унија, таа не се вика Европска заедница, туку Европска унија. Ако сакаш да бидеш унија тоа мораш да го докажеш.

Би сакал да се осврнам на правата на ЛГБТ заедницата. За што се работи? Тука се работи за почитување на достоинството на поединецот, на почитување на неговиот сексуален идентитет и за родовите права. Тоа е личен избор. И тоа е европска вредност. Зошто овие вредности не се применуваат кога се во прашање нациите. А тие се применуваат кога тоа се однесува на сексуалниот идентитет и на родовиот идентитет. Како и врз која основа Бугарија е способна да каже дека Македонците не се тоа што тие мислат дека се и дека македонскиот јазик е дел од бугарскиот. Тоа не се европски вредности. Сѐ додека тие се потпираат на нивното достоинство за јазикот и идентитетот и вие имате право да се потпирате на вашето достоинство. Тоа се историски работи и нив нека ги расправаат историчарите. Историчари со добра волја. Дури и ако најдат точки за кои не се согласуваат треба да ги набележат тие точки. Тоа може да се стави во кутија и може да речат, според едното мислење е ова, а според другото мислење е она. Тоа го има во Преспанскиот договор и има многу добра одредба околу историјата. Вие се согласивте дека за одредени прашања не можете да се согласите.

Не можам да се согласам дека Македонија се предаде во преговорите со Грција. И Грција направи големи отстапки. И за тие отстапки владата на Ципрас плати цена, како што плати одредена цена и владата на Заев. Америка ги почитува луѓето кои се борат за себе, се борат за дигнитетот и се посветени за чесни и фер преговори. Не треба да има откажување од разговорите со Бугарија. Очекуваме да се борите со достоинство и да се ангажирате во фер преговори.

 

 

Дали е можно поголемо ангажирање на администрацијата на Бајден околу блокадата на Бугарија?

Јас мислам дека тие веќе се повеќе вклучени. Имаше неколку комуникации на високо ниво, писма од претседателот Бајден и државниот секретар Блинкен до некои од лидерите, како на Србија, Косово и Босна. Видете ја извршната наредба околу корупцијата во Бугарија. Тоа е јасна порака. Но, недостасува слична европска порака. Повеќе мислам на Европската унија како целина, иако поединечни земји притискаат повеќе за борба против корупцијата. САД може да ги споделат информациите со повеќе земји, како Холандија, Германија, Франција, а и Британија, за борба против корупцијата во регионот.

Ние треба да го поддржиме Албин Курти во Косово. Важно е не само за Косово, туку и за Македонија кога еден лидер се бори власт со платформа за борба против корупцијата и успева. Тоа е важно за сите земји во регионот. Албин Курти мора да успее и ние мора да му помогнеме да успее. Да се потсетиме и да не заборавиме: кој дојде на власт во 2012 со ветување за борба против корупцијата? Александар Вучиќ. И каде е Србија сега со корупцијата? Најлошо од кога било досега. Системска коруција. Многу е важно за Македонците Албин Курти да успее во борбата против корупцијата во Косово. Воопшто не е важно што тој е Албанец. На регионот му треба лидер кој ќе се справи со оваа ситуација.

 

Македонија не може да биде лидер?

Може да биде. Зоран Заев може да го направи тоа исто така.

 

Едно можеби апсурдно прашање. Дали Велика Британија како поранеше колонијален господар на Америка можела во минатото, а и сега да испорача некакви барања за САД кои се несоодветни. На пример околу историското наследство. Дали британската круна од Лондон може да побара од Американците да се декларираат дека тие имаат британско потекло.

Навистина е апсурдно. Но, интересно е што дури има повеќе точки од она што Бугарија го бара од Македонија. Јас сум правник и можам да ви кажам дека нашиот правен систем доаѓа од Англија.  Тој се темели на таканареченото „заедничко право“ во кое, во основа, се бараат преседани. Дури и денеска, во многу судови релевантни се одлуките кои почиваат на одлуки што се однесени во многу стари англиски случаи.  Вие можете да кажете – гледајте што се случило во 1735 и да ги примените тие одлуки во денешното право. Но никој не вели дека ние сме Англичани.