Интернетот се троши: ВИ ги „проголта“ речиси сите достапни податоци, што понатаму

Првите големи проблеми за вештачката интелигенција би можеле да се појават за неколку години.
Според најновите проценки на банкарскиот гигант Голдман Сакс, развојот на вештачката интелигенција наскоро би можел да забави – но не поради недостаток на компјутерска моќ, туку поради недостаток на податоци.
Нима Рафаел, главен директор за податоци во Голдман Сакс, изјави дека системите за вештачка интелигенција веќе ги исцрпиле повеќето информации достапни од Интернет и дека индустријата влегла во она што експертите го нарекуваат „peak data“, што го означува моментот кога едноставно нема доволно нови, висококвалитетни податоци од кои може да се учи.
„Веќе ги исцрпивме податоците“, рече Рафаел во подкастот Exchanges, објавен од Голдман Сакс. „Сè повеќе информации што ги користи вештачката интелигенција стануваат синтетички и генерирани од самите модели, а не од луѓе“.
Овој тренд, предупредува тој, би можел да доведе до еден вид „креативен плафон“ во развојот на вештачката интелигенција: ако вештачката интелигенција учи само од податоците што ги произвела, може да го изгуби контактот со реалноста и да ја ограничи сопствената способност за иновации.
Научниците веќе некое време предупредуваат за оваа можност. Списанието „Nature“ објави на крајот од минатата година дека глобалната криза со податоци би можела да го погоди секторот на вештачката интелигенција веќе во 2028 година. Слично мислење дели и Иља Сатскевер, еден од основачите на OpenAI, кој верува дека недостатокот на нови податоци „несомнено би можел да го забави експоненцијалниот раст“ на моделите на вештачката интелигенција.
Рафаел верува дека следната фаза на развој ќе вклучува транзиција од класични јазични модели како ChatGPT кон нова генерација на агенти на вештачката интелигенција – автономни системи способни самостојно да учат, планираат и извршуваат сложени задачи без човечки надзор.
Доколку неговите предвидувања се точни, индустријата за вештачка интелигенција наскоро би можела да влезе во ера во која податоците стануваат највреден ресурс – поскапи дури и од самите алгоритми.