Интел ја откажува изградбата на фабрики за чипови во Германија и Полска

Американскиот технолошки гигант Интел објави дека ја откажува изградбата на фабрики за чипови во Магдебург, Германија, и Вроцлав, Полска, по загубата во вториот квартал.
Во септември минатата година, компанијата објави дека ја одложува изградбата на фабрики во Полска и Германија за две години поради очекуваната послаба побарувачка.
Интел планираше две фабрики за чипови во германската покраина Саксонија-Анхалт кои ќе вработат околу 3.000 работници. Инвестицијата беше проценета на околу 30 милијарди евра, со најавена владина финансиска поддршка од 9,9 милијарди евра.
Фабриката во Вроцлав, Полска, требаше да вработи околу 2.000 работници, со инвестициска вредност од 4,6 милијарди долари, според податоците на веб-страницата на американската компанија.
Во тоа време, извршниот директор Пет Гелсингер го напушти Интел и беше заменет од Лип-Бу Тан, кој започна сеопфатна програма за намалување на трошоците за стабилизирање на финансиите на Интел.
„Интел презема чекори за оптимизирање на производството и зголемување на приносите од вложениот капитал. Во согласност со овие цели, Интел ги напушта планираните проекти во Германија и Полска“, се вели во соопштението на компанијата објавено во четврток.
Компанијата објави дека ги напушта своите операции во Полска и Германија во својот извештај за приходите за вториот квартал, кој покажа нето загуба од 2,9 милијарди долари, што е зголемување од 81 процент во однос на претходната година. Приходите, сепак, останаа на нивото од вториот квартал од минатата година, на 12,9 милијарди долари.
Интел некогаш беше водечки светски производител на чипови, но ја пропушти можноста што се отвори со појавата на „паметните“ мобилни телефони, а оттогаш е престигнат од тајванскиот TSMC и американскиот Qualcomm, забележува агенцијата dpa.