Институциите ја чуваат новата „Бушава азбука“ во фиока речиси 10 години


„На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, се потсетуваме на значењето на зачувувањето на македонскиот јазик, кој пред 80 години беше официјално кодифициран. „Бушава азбука“, како едно од најзначајните културни и образовни дела, сè уште не е доволно препознаена од институциите како национален проект, иако веќе 40 години игра клучна улога во негувањето и ширењето на јазичната култура.„Бушав буквар“, последното недовршено дело на Горан Стефановски, кое е продолжение и возобновување на „Бушава азбука“, остана заробено во бирократските фиоки речиси 10 години, реагира екипата на проектот.

„Додека јазикот е под закана, институциите не сметаат дека проектите како „Бушава азбука“ треба да бидат дел од национален интерес. „Бушав буквар“ ја задржува структурата и препознатливоста на „Бушава азбука“ притоа воведувајќи нова и оригинална содржина. Оваа серија, за разлика од „Бушава азбука“ ќе биде ориентирана кон македонскиот јазик и неговата употреба и богатство, и евентуално, кон јазиците на заедниците. Сценариото предвидува 31 епизода по 30 минути“. Проектот е во продукција на 2БА продукција и Види Вака раскажувачко студио.

Режисерот Слободан Унковски, кој исто така е дел од екипата на новото продолжение, нагласува дека не треба да се чека само на телевизија, туку дека новите технологии треба да бидат канал за понатамошно промовирање на јазикот.

„Не велам дека треба да има Министерство за јазик, ама јазикот ни е исто важен како Министерство за одбрана, на пример, или како Министерство за политика. Затоа што тоа е суштината, нема друго,“ посочува режисерот Унковски. 

„Без одржување на мајчиниот јазик, ќе изгубиме еден од најзначајните елементи на нашиот идентитет. Додека многу се зборува за идентитетот и националната припадност, всушност, „Бушава азбука“ е инструмент кој најдобро ги негува тие вредности. Поради тоа, важно е да се поддржи и финансира проект како овој, кој не само што е значаен за македонскиот народ, туку е дел и од нашата иднина“, велат од екипата. 

„Бушав буквар“ е продолжение на легендарната телевизиска серија „Бушава азбука“ за која Горан Стефановски ги почна, а по неговата ненадејна смрт Марјан Алчевски, кој живее во Загреб,  ги доврши сценаријата. За овој проект од национален интерес копродуцентите исто така ги имаат обезбедено сите права. 

Идејни творци на проектот се режисерот Слободан Унковски и актерката и професорка на ФДУ, Синоличка Трпкова Меллес, дел од оригиналната постава на омилената „Бушава азбука“.

Серијата од 1985 година, „Бушава азбука“, во продукција на Македонската радио телевизија (МРТ), беше насочена кон детското образование и запознавање со македонската книжевност, култура и традиција преку музика, цртан филм, актерска игра. Имаше вкупно 31 епизода, со просечно траење од 29 минути, секоја посебно посветена на буквите од македонската азбука. Таа е убедливо најуспешниот производ на МРТ, со кој многу генерации ја научија азбуката.

Серијата беше снимена со музика од „Леб и сол“ и Ана Костовска, а во неа играше врвна актерска екипа како Ненад Стојановски, Александар Чамински, Марин Бабиќ, Петар Арсовски, Ана Костовска, Софија Куновска, Кирил Ристески, Јовица Михајловски и Мими Таневска.