Инспекцискиот надзор од областа на енергетиката на брза лента: РКЕ и ДПИ ја продлабочуваат соработката

Брза лента за постапување по предметите на кои треба да се изврши инспекциски надзор од областа на енергетиката е целта на Меморандумот за соработка што денеска го потпишаа Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
-Со меморандумот за соработка се гради платформа за приоритетно постапување по предметите што се од областа на енергетиката. РКЕ и ДПИ по надлежност се упатени една кон друга во својот опсег на работа. Секој пат кога имаме индиции на атипично однесување на компаниите во секторите кои ги регулираме, алармираме до ДПИ да излезе на терен и да ја утврди реалната состојба. Од друга страна пак, ние поведуваме соодветни постапки по информација од ДПИ, секој пат кога констатираат нерегуларности. Нашето заедничко делување има за цел освен да ги заштити потрошувачите, во исто време и да делува корективно спрема носителите на лиценци, посочи претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Токму неодамна, додаде, РКЕ отпочна постапка за одземање лиценца на една нафтена компанија кај која ДПИ по вонреден инспекциски надзор констатира дека не се задоволени минимално-техничките услови за работа согласно Правилникот.
-Во овој момент работиме на лиценцирање на најголемите нафтени компании, кои по 20 години ги продолжуваат лиценците. Станува збор за комплексен процес, во кој се неопходни заеднички активности на РКЕ и ДПИ – се со цел да се констатира фактичката состојба на терен и дали законските услови се исполнети, прецизира Бислимоски.
Од ДПИ и РКЕ најавија дека во периодот што следува фокусот ќе биде насочен кон контролата на условите за работа на лиценцираните компании се со цел обезбедување непречено функционирање на енергетскиот пазар и заштита на потрошувачите.
-Во изминатите осум месеци, Државниот пазарен инспекторат изврши над 80 надзори во трговијата на мало и трговијата на големо со нафтени деривати, а во однос на квалитетот на нафтените деривати на пазарот во Македонија, земени се над 150 примероци за лабораториска анализа за квалитетот на истите. Истовремено се издадени 16 решенија за привремена забрана за вршење дејност по однос на неверифицирани мерила, изјави директорот на ДПИ Влатко Стојкоски.
Најави дека ДПИ во соработка со РКЕ, ќе го зголеми надзорот над трговците на големо со нафтени деривати и други енергенси во однос на исполнувањето на услови за вршење на трговија на големо, задолжителните резерви кои трговците имаат обврска да ги чуваат, трговијата преку склад и сл.
-Како Државен пазарен инспекторат најавуваме продолжување со строгите контроли и мерки за несовесните трговци во вршењето на трговија со нафтени деривати и други енергенси, потенцира Стојкоски.