Инфлацијата не запира и во Србија – во август се искачи на 13,2 отсто


Потрошувачките цени во август 2022 година, во однос на истиот месец од претходната година, се зголемени за 13,2 отсто, објави Републичкиот завод за статистика.

Од лани до овој август најмногу поскапела групата производи „кафе, чај и какао“ – за 25,7 отсто. Лебот и житариците поскапеа за 24,1 отсто, а месото за една година поскапе за 23,7 отсто, пренесува Н1.
Рибата поскапела за 23,9 отсто, а млекото, сирењето и јајцата за 23,5 отсто.

Горивото и мазивата за патнички возила во август годинава поскапеа во однос на август лани за 20,9 отсто (во јули 2022 година, во однос на јули 2021 година, зголемувањето е 28,3 отсто). Користењето и одржувањето на возило сега е поскапо за 17,3 отсто.

Канцелариските материјали за една година поскапеа за 20,9 отсто, а пакет аранжманите во категоријата „рекреација и култура“ поскапеа за 17,6 отсто.

Реалната станбена закупнина е повисока за 21,3 отсто, а производите и услугите во категоријата градина, садници и цвеќиња се поскапи за 16,5 отсто.

Во однос на август минатата година, поевтиниле само услугите за авиопревоз на патници, за 0,2 отсто.

Цените на производите и услугите за лична потрошувачка во август 2022 година, во однос на јули 2022 година, се зголемени во просек за 1,2 отсто, соопшти Заводот за статистика.

Гледано по главните групи производи и услуги класифицирани според намената на потрошувачката, во август 2022 година, во однос на претходниот месец, раст на цените е забележан во групите домување, вода, струја, гас и други горива (3,9 отсто), храна и безалкохолни пијалоци (2,5 отсто), ресторани и хотели (1,4 отсто), рекреација и култура (1,3 отсто), опрема за стан и тековно одржување (1,0 отсто), како и во групите алкохолни пијалоци и тутун, потоа комуникации, потоа здравство и образование (по 0,1 отсто).

Пад на цените е забележан во групите транспорт (-2,5 отсто) и облека и обувки (-0,6 отсто).

Цените на останатите производи и услуги не бележат значителна промена.