Инфлацијата не се смирува, во јули беше 1,1 отсто на месечно ниво, на годишно 4,8 отсто

Инфлацијата не покажува знаци на намналување, покажуваат најновите статистички податоци според кои во јули годинава во однос на претходниот месец е 1.1 отсто, а во однос на јули минатата година изнесува 4,8 отсто.
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во јули 2025 година, во однос на јуни 2025 година, изнесува 1,1 отсто, соопшти денес Државниот завод за статистика.
Како што се посочува во образложението на податоците, повисоката инфлација во јули 2025 година, во однос на јуни 2025 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: Транспорт за 9,9 отсто, Рекреација и култура за 2,1 отсто, Ресторани и хотели за 1,2 отсто, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,7 отсто, Здравје, Храна и безалкохолни пијалаци за 0,3 отсто и Облека и обувки, Домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,1 отсто.
Во јули 2025 година, во однос на јуни 2025 година, намалување на трошоците на животот е забележано во следните групи: Разновидни стоки и услуги и Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0,1 отсто.
Трошоците на животот во групите Комуникации и Образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.
Индексот на цените на мало во јули 2025 година, во однос на јуни 2025 година, изнесува 103,1.
Гледано на годишно ниво, пак, односно јули оваа година, во однос на истиот месец лани, загрижуваат статистичките податоци кои покажуваат дека трошоците за живот најмногу се зголемиле кај некои од најчуваствителните групи производи. Така кај храната и безалкохолните пијалоци порастот изнесува 6,8 отсто, а слично е и кај алкохолните пијалоци, тутунот и наркотиците, за 5,6 отсто, потоа кај мебелот покуќнината и редовното одржување во домаќинствата за 5,1 отсто, а рекреацијата и културата за 6,6 отсто.
Индексот на трошоците на животот во јули 2025 година, во однос на јули 2024 година, бележи зголемување од 4,8 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 5,3 отсто, соопшти ДЗС.