Индонезиска зоолошка градина ќе жртвува животни за да ги нахрани месојадците


Управата на зоолошката градина во градот Бандунг на индонезискиот остров Јава соопшти дека наскоро ќе треба да жртвува некои животни од зоолошката градина за да ги нахрани месојадците кои се на работ на глад.

Поради воведување на рестриктивни мерки, зоолошката градина беше затворена на 23 март и на тој начин остана без приходи од посети, но досега успеа да набави храна со пари од донации.

– Имаме околу 30 елени и издвоивме неколку стари и немоќни грла да послужат како храна на нашите месојадци, како што е тигарот од Суматра и леопардот од Јава, изјави претставникот на зоолошката, Сулхан Сијафи.

Сијафи додаде дека раководството се подготвува за најлошото сценарио, бидејќи станува се потешко да се обезбедат 400 килограми овошје и 120 килограми месо дневно за 85 животни од зоолошка градина.