„Индипендент“: Работите не изгледаат добро за Украина
Дали забележавте дека престанавме да се будиме со вести за победи на украинските херои и за неуспесите на Русите? Дали забележавте како зборовите на претседателот Володимир Зеленски, во кои тој повикува на единство – вклучително и последните упатени до плутократите во Давос – добиваат сè помалку внимание?
Дел од ова, се разбира, може да се објасни со фактот дека новостите природно се менуваат. Почетокот на руската инвазија на Украина пред три месеци беше толку шокантен, а реакцијата на Зеленски и неговите колеги беше толку несебична што јавниот интерес ги сруши сите рекорди. Бевме соочени соужасен конфликт во Европа, згоден актер стана инспиративен војсководец, а храбриот украински Давид почна да се наметнува пред мрзливиот руски Голијат.Веројатно беше неизбежно агендата сега да биде засенета од прашања кои ни се поблиски, како што се зголемените трошоци за живот, дури и ако тоа делумно беше предизвикано од конфликтот.
Или, можеби, конфликтот стана потежок за следење? Пошироката слика – заканата за Киев, огромната руска тенковска колона, пустошењето во вториот град во земјата Харков и ужасното напаѓање на фабриката за челик Азовстал во Мариупол – отстапува место за релативно помали настани во Донбас. Картите кои порано имаа јасна линија помеѓу украинското сино и жолто и руското бело, сино и црвено, веќе не се толку јасни. Има и помалку снимки од местото на инцидентите, направени со паметен телефон од локалното население. Пристапот на новинарите, исто така, се покажа потежок со проширувањето на воената зона во Донбас.
Сепак, се плашам дека дури и сите овие фактори, земени заедно, не можат целосно да објаснат зошто настаните во Украина помалку се рефлектираат, особено на радио и телевизија, и особено во англиското говорно подрачје. Не се промени само обемот на информациите за Украина во нашите медиуми, туку и самата покриеност. Би рекол дека промената дојде со падот на Мариупол на 17-18 мај.
И, поентата не е дека победата на Русија во Мариупол беше пресвртна точка во конфликтот – тоа е големо пристаниште што го блокираше копнениот коридор од Русија до Крим, во кое имаше жесток отпор од првиот ден од операцијата. Поентата е што таа победа ни беше раскажана на сосема поинаков начин.
Се чини дека ОН и Меѓународниот комитет на Црвениот крст постигнаа договор со кој се дозволува евакуација на тешко повредените (некои од нив ни беа покажани). Договорот предвидува повлекување и на преостанатите 2.000 борци. Оваа операција беше означена како евакуација, но не ја видовме како што треба. Во Русија, овие настани се претставени како капитулација – збор што обично се избегнува во изворите на англиски јазик – и покрај фактот што борците станале воени заробеници.
Западниот свет го следеше примерот на Зеленски, пофалувајќи го херојството на борците и изјавувајќи дека тие се евакуирани за да се спречи понатамошно страдање и наскоро ќе бидат разменети за руски воени заробеници. Се разбира, сето ова може да биде вистина,а и разбирливо е со самозаблуди или измислици да се одржува моралот среде конфликт. Но, ниту Западот во лицето на САД и НАТО, ниту Обединетото Кралство не се страна во конфликтот – работевме многу напорно за да избегнеме директно учество – и не смееме да ја задржиме реалноста само за себе. За Украина, симболично и практично, ова беше голем удар.
Околу една недела по овие настани, стануваше сè потешко да се тврди дека Украина победува. Постепено, почна да се препознава дека се водат жестоки битки и дека Русија постигнала, иако ограничени, а можеби и привремени, успеси. На 19 мај тонот на Зеленски драматично се промени и рече дека Донбас е „уништен“ и дека таму се случува „пекол“. Три дена подоцна, тој рече дека Украина губи 100 луѓе дневно и дека од средината на април, украинската армија има меѓу 2.500 и 3.000 убиени и 10.000 ранети. Пред тоа, украинската страна редовно известуваше за руските загуби, но многу малку зборуваше за своите.
Постои мислење дека Зеленски можеби почна да ги навикнува Украинците за потребата да преговараат со можни отстапки. Други велат дека тој едноставно се обидува да добие поголема помош од Западот. Сепак, тешко е да не се забележи дека послабата покриеност на украинските настани – особено во Обединетото Кралство – се совпаѓа со одвраќањето на среќата од Киев.
Она што ни беше кажано минатата недела е суштински различно од неодамнешните тврдења дека Украина може да извојува убедлива победа и да ги врати сите територии, вклучувајќи го и Крим. Ова не е во согласност и со изјавата на американскиот министер за одбрана, кој сака да ја види Русија толку ослабена што не ќе може да спроведува слични операции во иднина.
Сепак, конфликтот е далеку од завршен: според многу воени експерти, тој влезе во фаза на исцрпување што може да трае со месеци, па дури и со години. Можно е работите од непозната причина повторно да се свртат во корист на Украина и Москва да одлучи да ги прекине своите акции.
Зеленски даде општа идеја за неодамнешните загуби на украинската страна и загубите што може да ги претрпи во Донбас. Сепак, обемот на штетата нанесена на Украина е многу поголема. Минатата недела американскиот тинк-тенк Атлантски совет процени дека 30 отсто од инфраструктурата на Украина е уништена. Постојат прогнози дека БДП на Украина може да се намали за 30 до 45% во 2022 година.
Според украинскиот министер за финансии Сергеј Марченко, конфликтот веќе ја чинеше земјата 70 отсто од очекуваните приходи, со месечен дефицит од 5 милијарди долари. Околу 6 милиони Украинци ја напуштија земјата – и нема да се вратат сите – а 8 милиони се преселиле во внатрешноста.
Загубите се огромни, без разлика на начинот на кој ги оценуваме, а тие само се зголемуваат како што конфликтот напредува. Но, обемот на штетата – во човечки, територијален и материјален поглед – почнува да биде предмет на голема јавна дебата за тоа кога и под кои услови Украина може да размисли за намалување на загубите. „Реалистите“ (вклучувајќи го и искусниот дипломат Хенри Кисинџер) веруваат дека тоа ќе се случи многу брзо. Но, „идеалистите“ (вклучувајќи ја и нашата министерка за надворешни работи, Лиз Трас), велат дека не пред целосната победа на Украина.
Досега, украинскиот претседател Володимир Зеленски се изразуваше недвосмислено: навести отстапки, но зборуваше и за желба за борба. Но, еден ден – а можеби и многу наскоро – ќе мора да направи избор. (Индепендент)