Индија го премина и прагот од 400.000 случаи со корона дневно


Кислородот се прима насекаде - на улици, во храмови, по домови (Фото: Ројтерс)

Индија објави рекорден дневен пораст од 401.993 нови случаи со корона вирус во саботата, додека земјата ја почна масовната вакцинација за сите возрасни лица, иако неколку држави предупредуваа на акутен недостиг.

Тоа беше првпат дневниот број случаи во Индија да надмине 400.000 по 10 последователни дена над 300.000. Смртните случаи од Ковид-19 скокнале за 3.523 во текот на изминатите 24 часа, со што вкупниот број во Индија достигна 211.853, според официјалните податоци.

Најголемиот светски производител на вакцини има ограничен број на дози, што го влошува мрачниот втор бран на инфекции што ги совлада болниците и мртовечниците, додека семејствата се обидуваат да пронајдат лекови и кислород.

Стотици луѓе беа видени во редот за да се вакцинираат низ Ахмедабад, главниот трговски град во матичната држава Гуџарат на премиерот Нарендра Моди, во саботата.

Главниот министер на тешко погодената држава Делхи во петокот ги молеше луѓето да не чекаат во редици во центрите за вакцинација, ветувајќи дека повеќе вакцини ќе пристигнат „утре или задутре“.

Индиската источна држава Одиша во петокот соопшти дека примила пратка од 150.000 дози, но ќе им дозволи само на неколку лица да добијат вакцини поради ограничувањата на заклучувањето што го спречуваат движењето.

Во пожар во болница на околу 190 км јужно од Ахмедабад загинаа 16 пациенти со корона вирус и двајца вработени, последната во низата смртоносни несреќи во болниците.

Моди им изрази сочувство на семејствата на жртвите од пожарот на болницата на Твитер, неколку часа откако објави слики на кои се моли во храмот на Сиките во главниот град Њу Делхи.

Некои експерти ги обвинуваат масовните верски собири и политичките митинзи за сериозноста на вториот бран во Индија, што ја фати владата неподготвена.

Форум на научни советници формиран од администрацијата на Моди, ги предупреди индиските власти на почетокот на март за нова и позаразна варијанта на корона вирусот што ја зафаќа земјата, изјавија за Ројтерс пет научници кои се дел од форумот.

И покрај предупредувањето, четворица од научниците изјавија дека федералната влада не сака да воведе големи ограничувања за да се ограничи ширењето на вирусот. Милиони, главно без маски, присуствуваа на верски собири и изборни митинзи што ги одржаа Моди, водачите на владејачката партија Баратија Џаната и опозициски политичари.

Вкупниот број на случаи со ковид во Индија надмина 19 милиони.

Бранот во случаи го натера американскиот претседател eо Бајден да воведе нови ограничувања за патување за Индија во петокот, со што се забрани влезот на повеќето неамерикански граѓани во САД.

Австралиските власти соопштија дека од понеделник ќе им биде забрането влегување во Австралија на жителите и граѓаните кои биле во Индија во рок од 14 дена од датумот кога планираат да се вратат дома, а на оние што нема да послушаат ќе се соочат со казни и затвор.

Други земји и територии исто така воведоа слични ограничувања за патување на Индија, вклучувајќи ги Велика Британија, Германија, Италија и Сингапур, додека Канада, Хонг Конг и Нов Зеланд ги прекинаа сите трговски патувања со Индија. (Ројтерс)