„Индекси и пријателите“ го кренаа Скопје на нозе – безвременските хитови не погодија во срце (галерија)
Љубовните балади, рок нумерите и безвременските хитови на култниот сараевски бенд Индекси, синоќа го кренаа Скопје на нозе во преполнетата сала на Филхармонија.

Убав свет од сите генерации дојде на концертот на кој се славеше 60-годишнината од постоењето на бендот на чии песни растевме , се вљубувавме, пиевме, се радувавме и тагувавме. Многу членови од бендот веќе не се меѓу нас, меѓу нив и легендарниот пејач Даворин Поповиќ кој не напушти во 2001 година, но проектот насловен „Индекси и пријателите“ ( кој постои 12 години, и во меѓувреме стана бренд) ги собра од различни краеви живите членови на бендот: Фадил Реџиќ, Нено Јурин, Мирослав Шарановиќ, Пецо Петеј, Владо Правдиќ, легендарниот клавијатурист на Бијело Дугме кој музичката кариера ја започна во Индекси, и гитаристот Мурис Варајиќ.

Петтата и последна станица од регионалната турнеја, по Љубљана, Загреб, Сараево и Белград, беше синоќа во Скопје, каде, како што кажа домаќинот и изведувач на концертот Дејан Кукиќ, се собраа пејач(к)и од 25 до 75 години, од Удине до Струмица, алудирајќи и на гостувањето на фантастичниот гитарист од помладата генерација, синот на Горан и Ленче Кукиќ, Иван Кукиќ кој настапува со „Влатко Стефановски трио“.

Изведувачите беа изненадени од топлиот прием на скопската публика, а пак Скопје, со срце и со душа синоќа уживаше во песните и во пејачите, сите со извонредни вокални способности: Дадо Топиќ, Нено Белан, Дино Јелушиќ, Нермин Пушкар, Бојана Стаменова, Амел Чуриќ, Дејан Цукиќ, Сара Воиќиќ.. и придружните вокали Жељка Катавиќ-Пиљ и Ален Мустафиќ.

Крајот концертот го краси, кога публиката на нозе и пред сцената заедно со Дадо Топиќ го изведоа неговиот хит „Македонија“.

Индекси, како најдолготрајната и најзначајната босанска поп-рок група и една од најдобрите екс-ју бендови која жареше и палеше од 1962 до 2001 година , ни ги подари за сите времиња хитовите : Предај се срце, Бацила је све низ ријеку, Ти си ми била нај нај, Испили смо златни, пехар, Све ове године, Волело се двоје младих, Стани мало злато моје…

Организатор на концертот беше „Мјузик тајм“, а продуцент е Томислав Кашљевиќ.
Л. Сабит









