Имамоглу пак ќе победи во Истанбул, покажуваат анкетите


Турскиот опозициски кандидат Екрем Имомоглу ќе победи на повторените избори за градоначалник на Истанбул на 23 јуни со девет отсто повеќе гласови во однос на неговиот ривал Бинали Јилдирим од владејачката партија, соопшти водечкиот турски анкетар „Конда“. „Конда“ ја спроведе последната анкета на 15 и 16 јуни и тоа со интервјуа лице в лице со 3.498 граѓани на Истанбул во 157 населби.

Според опозициската секуларна Републиканска народна партија (ЦХП) Имамоглу ги зголемил своите гласови на 49 отсто од 39,5 отсто од изборите на 31 март, со исклучок на неопределените гласачи. Во меѓувреме, гласовите на исламистичката Партија на правдата и развојот (АКП) и кандидатот за градоначалник Јилдрим, се зголемија на 40,9 отсто, од 39,3 отсто на претходното гласање.

Резултатите на оваа анкета, но и на оние што се правени за интерна употреба на двете партии, го принудија претседателот Реџеп Таип Ердоган активно да се вклучи во кампањата во последната недела. Во изминативе неколку недели Ердоган одржуваше некарактеристично низок профил во кампањата, но последните неколку дена тргна во војна против опозицијата.

Турскиот претседател во текот на изминатите неколку дена ги повика приврзаниците да му помогнат да одржат повеќе митинзи.

„Ние не можеме да го предадеме Истанбул на овие лажговци“, рече тој во говорот во вторникот, мислејќи на ЦХП и нејзиниот кандидат за градоначалник Екрем Имамоглу.

Ердоган во средата го спореди Имамоглу со египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси, кој во 2013 година изврши воен удар отстранувајќи го првиот демократски избран претседател од земјата, и ги повика граѓаните да гласаат против „фашизмот“.

„Ердоган ги погледна внатрешните анкети и виде дека Јилдирим заостанува, па затоа одлучи да се вклучи“, изјави еден извор близок до АКП за Ројтерс. „Но, тоа би можело да има спротивен ефект врз гласачите и да ги оддалечи“, додава изворот. (Ахвал, Ројтерс)