Имало најмалку еден тресок пред азербејџанскиот авион да падне, изјави преживеан патник
Сѐ повеќе извештаи дека руската противвоздушна одбрана го погодила авионот додека летал над Грозни

Патник од авионот на „Азербејџан ерлајнс“ кој се урна во Казахстан изјави за Ројтерс дека имало барем еден силен тресок додека се приближувал до својата првобитна дестинација Грозни во јужна Русија.
Летот Ј2-8243 се урна во средата во огнена топка во близина на градот Актау во Казахстан, откако се пренасочи од област во јужна Русија каде Москва постојано користеше системи за противвоздушна одбрана против украински беспилотни летала.
„Мислев дека авионот ќе се распадне“, изјави Субхонкул Рахимов, еден од патниците, за Ројтерс од болницата, додавајќи дека почнал да се моли и да се подготвува за крајот откако го слушнал ударот.
Најмалку 38 лица загинаа, а 29 луѓе преживеаја.
Русија рече дека е важно да се почека официјалната истрага да ја заврши својата работа за да се разбере што се случило.
Четири извори со сознанија за прелиминарните наоди од истрагата на Азербејџан за катастрофата изјавија за Ројтерс во четвртокот дека руската противвоздушна одбрана по грешка го соборила.
„Азербејџан ерлајнс“ во петокот суспендираше голем број летови кон руските градови и соопшти дека смета дека несреќата е предизвикана од, како што го нарече „физичко и техничко надворешно мешање“.
По силниот удар, авионот се однесувал чудно како да е пијан, изјави Рахимов.
„Како да беше пијан – веќе не беше истиот авион“, рече тој.
Патничкиот авион „Ембраер“ летал од главниот град на Азербејџан Баку до Грозни, во јужниот руски регион Чеченија, пред да скршне стотици километри преку Каспиското Море.
Се урна на спротивниот брег на Каспиското Море по, како што рече руската авијација, вонредна состојба која можеби била предизвикана од удар на птица.
По несреќното слетување, завладеа тишина пред да почне офкањето на повредените, рече Рахимов.
Запрашан за извештаите дека руската противвоздушна одбрана по грешка го соборила леталото, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во петокот рече дека нема што да додаде и не сака да дава никакви проценки додека официјалната истрага не ги донесе своите заклучоци.
Росавијација, руската авијациска организација, рече дека на капетанот на авионот му биле понудени други аеродроми на кои да слета, но го избрал казахстанскиот Актау. Таа рече дека ќе обезбеди сеопфатна поддршка за казахстанските и азербејџанските истраги кои се занимаваат со несреќата.
Патниците и членовите на екипажот кои ја преживеаја несреќата изјавија за азербејџанските медиуми дека слушнале силни звуци на авионот додека кружел над Грозни.
Стјуардесата Ајдан Рахимли рече дека по еден силен шум, маските за кислород автоматски биле пуштени. Таа рече дека отишла да му пружи прва помош на колегата Зулфугар Асадов, а потоа слушнале уште еден тресок.
Асадов рече дека звуците изгледале како нешто да удира во авионот однадвор. Тој ги негираше тврдењата на казахстанските власти дека во авионот експлодирала канистер со кислород.
Рашад Набиев, министер за дигитален развој и транспорт на Азербејџан, ги посочи изјавите на преживеаните за да нагласи дека авионот претрпел надворешен удар додека летал над Грозни. Во изјава за азербејџанските медиуми, тој додаде дека „видот на оружјето што ќе се користи при ударот однадвор ќе го одредат истражителите“.
Властите во Азербејџан, Казахстан и Русија молчат за можната причина во очекување на официјална истрага. Но, членот на азербејџанскиот парламент, Расим Мусабеков, во четвртокот за азербејџанската новинска агенција Туран изјави дека на авионот бил пукано додека бил на небото над Грозни и ја повика Русија да понуди официјално извинување.