Има ли нафта под морето во Црна Гора? Ќе се дупчи на длабочина од 6.525 метри


Дали има нафта под морето кај Црна Гора ќе покаже првото дупчење кое ќе почне на 25 март, а ќе го спроведе италијанско-рускиот конзорциум Ени-Новатек, објавија на прес-конференција Младен Бојаниќ, министер за капитални инвестиции и Марко Перуновиќ, државен секретар за капитални инвестиции во Црна Гора, пренесе Банкар.ме.

Како што беше објасснето, платформата за дупчење „Топаз Дрилер“ се очекува да пристигне во Црна Гора на 13 март.

– Прво ќе се дупчи на длабочина од 6.525 метри за да се истражува нафта, а второто дупење за гас ќе биде поплитко. Ќе бидат потребни дополнителни инспекции, и отсега натаму сè се прави според процедурите. Ние сме оптимисти и прелиминарните податоци што укажуваат на дупчење се добри – рече Перуновиќ.

Министерот Бојаниќ се надева дека Црна Гора ќе излезе со бројни придобивки по овој проект и дека земјата потоа ќе ја диверзифицира својата економија, бидејќи повеќе нема да зависи само од туризмот.

Тој истакна дека Владата е посветена на прашањето за заштита на животната средина и почитување на сите светски еколошки стандарди.

Концесионерите Ени и Новатек, во согласност со обврските од Договорот за концесија за истражување и производство на јаглеводороди, извршија 3Д сеизмички истражувања на крајот на 2018 година, а во текот на 2019 година беа обработени собраните податоци, како и геолошки и геофизички студии. Врз основа на обработените податоци, дефиниран е проспектот за кој се изведува првото истражувачко дупчење.

Воспоставена е логистичка база во пристаништето Бар, каде што е доставен најголемиот дел од материјалот што ќе се користи при дупчење, а во согласност со епидемиолошките мерки, екипажот што треба да изврши увид во опремата на платформата е веќе во карантин во Подгорица.