Има еден виновник за Изборниот законик – Христијан Мицкоски, велат од СДСМ
Опозицискиот СДСМ денеска остро ги отфрли тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски дека проблемот што нема консензус за Изборниот законик е кај опозицијата и рече дека единствениот виновник е токму тој.
„Мицкоски вели да сме кажеле што сакаме за Изборниот законик, ќе прифател. Кажуваме, сакаме да не ги крадеш гласовите на граѓаните на избори, преку дијаспората. Бидејќи се потврди дека на Христијан Мицкоски и на ВМРО не им е ниту до реформи, ниту до подобрување на Изборниот законик, ниту до политички консензус. Нивната цел е само една – изборен грабеж. Сè друго се лаги, изговори и спинови со кои се обидуваат да ја прикријат вистината“, вели СДСМ.
Оттаму повторуваат дека премиерот Мицкоски првин на сила, без политички консензус и спротивно на воспоставените демократски практики ја укинал техничката влада на 100 дена пред избори, а сега се обидува да „протне“ модел за електронско гласање на дијаспората без соодветни механизми за контрола и гарантирање на изборниот интегритет.
Откако тој обид не му поминал, велат од СДСМ, премиерот предложил нов модел – дијаспората да гласа по пошта, што според социјалдемократите повторно не нуди контрола и механизми што ќе ја гарантираат слободно изразената волја на граѓаните.
„Само лаги и спинови зад кои се крие барањето начин да манипулира со околу 200 000 гласови од дијаспората. Во меѓувреме, реформската агенда ја користи само како изговор и алиби за сопствената неспособност да ги реализира обврските од евроинтеграцискиот процес“, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека единствен виновник за тоа што нема консензус за Изборниот законик е премиерот Христијан Мицкоски и дека проблемот не е во опозицијата: „Проблемот е во власта и во Христијан Мицкоски, кој упорно инсистира на решенија што отвораат простор за изборни злоупотреби. СДСМ нема да дозволи изборен грабеж. Ќе го браниме гласот на секој граѓанин, ќе се спротивставиме на секој обид за манипулација и ќе ја заштитиме слободната волја на граѓаните“.