Илон Маск навести дека сака да го купи „Рајанер“ по јавната кавга со нејзиниот извршен директор
Најбогатиот човек во светот Илон Маск навести дека може да ја купи авиокомпанијата „Рајанер“ по јавната расправија со нејзиниот извршен директор Мајкл О’Лири.
На својата платформа X, која ја купи во 2022 година и го промени долгогодишното име од Твитер, тој навести дека може да го купи и „Рајанер“, со прашање во кое им остави на корисниците можност да гласаат.
„Да го купиме ‘Рајанер’ и да го вратиме Рајан на чело на компанијата?“, праша тој и ги остави опциите „Да“ или „Не“ во одговорот.
Поголемиот дел од корисниците на X кои учествуваа одговорија на ова прашање со „Да“, а Маск не разјасни колку сериозно ја смета оваа бизнис идеја.
Buy Ryan Air and restore Ryan as their rightful ruler
— Elon Musk (@elonmusk) January 19, 2026
Оваа објава на Маск доаѓа по јавната расправија меѓу технолошкиот магнат и извршниот директор на Рајанер, која ескалираше откако се нарекоа едни со други „идиоти“, околу прашањето за користењето на Старлинк на Маск во авионите на „Рајанер“ во текот на летото.
Всушност, „Рајанер“ одби да инсталира Старлинк во своите авиони, наведувајќи ги прекумерните трошоци и неефикасноста на потегот за деловниот модел на „Рајанер“. О’Лири рече дека Маск не ги познава проблемите на авијацијата и воведувањето на WiFi во авионите, а Маск возврати, барајќи негово отпуштање.