Жителите на Газа упаднаа во магацини со храна, граѓанскиот поредок се распаѓа
Ова е загрижувачки знак дека граѓанскиот поредок почнува да се урива по три недели војна и строга опсада, вели директорот на УНРВА во Газа
Илјадници луѓе во Газа упаднаа во магацини и дистрибутивни центри за помош, соопшти Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа со палестинските бегалци (УНРВА).
Во централниот и јужниот дел на Појасот Газа, тие зеле пченично брашно и други предмети како што се хигиенски производи, соопшти УНРВА. Една од локациите се користи за складирање на залихите за помош кои влегуваат во Појасот Газа од Египет во хуманитарни конвои.
– Ова е загрижувачки знак дека граѓанскиот поредок почнува да се урива по три недели војна и строга опсада на Газа. Луѓето се исплашени, фрустрирани и очајни, изјави Томас Вајт, директорот на УНРВА во Газа.
Ситуацијата со снабдувањето во Газа беше многу лоша дури и пред да избие војната и оттогаш значително се влоши во услови на блокада и масовно раселување.
– Масовното раселување на луѓето од северниот дел на Појасот Газа на југ изврши огромен притисок врз тие заедници, додавајќи дополнително оптоварување на распаднатите јавни услуги. Некои семејства примија и по 50 роднини кои се засолнија во едно домаќинство, рече Вајт.
Околу 80 камиони со разни стоки влегоа во Појасот Газа од Египет преку граничниот премин Рафах од почетокот на војната пред три недели. Вчера не можеше да влезе ниту еден конвој поради дефектот на интернет и комуникациските услуги.
– Сегашниот систем на конвои е на работ да пропадне. Многу малку камиони, бавните процеси, строгите инспекции, залихите што не одговараат на барањата на УНРВА и другите хуманитарни организации, а најмногу тековната забрана за гориво, сето тоа е рецепт за неуспешен систем, рече Вајт.
– Повикуваме на редовна и стабилна линија на проток на хуманитарни резерви во Појасот Газа за да одговориме на потребите особено сега кога растат тензиите и фрустрациите, нагласи тој.
CNN footage apparently showing Gazans looting storerooms of the corrupt #UNRWA yesterday.
UNRWA in Gaza is completely controlled by Hamas.#UNRWAisascam#HamasisISIS#October7massacre pic.twitter.com/FjY1kmpmzG— Imshin (@imshin) October 29, 2023
На интернет се појавија шокантни видеа на кои се гледаат луѓе и деца како носат вреќи со брашно и кутии со средства за хигиена.
Испораките на помош за Газа беа прекинати откако Израел почна да бомбардира густо населени делови од палестинската енклава, по смртоносниот напад на милитантната група Хамас во јужен Израел на 7 октомври.
„Залихите се при крај, додека хуманитарната помош што со камиони од Египет доаѓа во Појасот Газа е недоволна“– додава УНРВА, нагласувајќи дека сегашниот систем на носење хуманитарни конвои во Газа „води во пропаст“.
– Потребите на заедницата се големи, ако ништо, само за основен опстанок, додека помошта што ја добиваме е оскудна, недоволна – беше констатирано.
УНРВА истакна дека нејзината способност да им помогне на луѓето во Газа е значително попречена од воздушните напади во кои загинаа 50 членови на Агенцијата на ОН.
Израел воведе блокада на Газа откако палестинската милитантна група Хамас изврши ракетни напади врз Израел на 7 октомври, по што следеше копнена инвазија.
Израел одговори со силни воздушни напади и блокада на Појасот Газа, а израелските копнени сили вчера влегоа и во Газа.