Или Владата да му помогне на ЈСП или ќе се редуцираат автобусите


Фото: Независен

Билетот за јавниот градски превоз во Скопје нема да поскапи, по двојното зголемување на цената на метанот, гориво што го користат 33 автобуси од ЈСП „Скопје“, но директорот Иван Илиевски бара Владата да им помогне.

Цената на метанот од вчера поскапе од 50 на 110 денари, поради што трошоците на претпријатието двојно ќе се зголемат, смета Илиевски.

– На метан возат 33 нови автобуси на МАН. Лани за нив горивото чинеше околу милион евра, со новата цена ќе требаат 2 милиона евра. Затоа бараме Владата да ни помогне, а Регулаторна комисија да ја замрзне цената на метанот – вели Илиевски.

Фото: Б. Грданоски

Според него, доколку Владата не помогне, а и доколку Град Скопје не даде дополнителни субвенции, единствено решение е редуцирање на возниот ред, односно да се задржи зимскиот возен ред и понатаму.

За Илиевски, еколошкиот момент е побитен од економскиот, па од тие причини не планира да ги „паркира“ еко возилата.

– Овој ценовен шок дополнително ќе има негативно влијание за и онака нашата лоша финансиска состојба, па од тие причини, автоматски сме принудени да размислуваме какви мерки да преземеме, а тие да не се одразат лошо на квалитетот на јавниот превоз, односно на услугите кои ЈСП Скопје ги нуди на скопјани. Затоа и бараме помош од централната власт. Ќе го следиме развојот на настаните и во зависност од исходот ќе делуваме. Крајна опција, во случај да не ја добиеме бараната помош е редуцирање на возниот ред. Во меѓувреме, можеби ќе побараме и дополнителни наменски субвенции од Град Скопје, односно од Советот кои и досега имаа разбирање за нашата состојба и бескрајно сум им благодарен за целата соработка и поддршка – додаде Илиевски.

Имено, за кратко време, благодарение на стручниот кадар, од „наследени“ 230 возила во возна состојба, сега технички исправни за сообраќај се 267 автобуси.

Додава дека билетот за возење во никој случај нема да поскапи.

Во моментов, како што кажа Илиевски, претпријатието има обврски кон добавувачи од околу 240 милиони денари, од кои најголем дел, 180 милиони, се за гориво за двокатните автобуси. Дополнително, од оваа година почнува и исплатата на кредитот земен од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) од 10 милиони евра за новите автобуси. Месецов треба да се плати првата транша од 1 милион евра.