ИЈЗ: Ако 190 лица пешачат, за една година ќе заштедат повеќе од 108 илјади евра


Фото: Б. Грданоски

Истражувањето на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), покажа дека економската придобивка од пешачењето на 191 учесник за една година изнесува 108.808 евра и 3 предвремено спречени смртни случаи за 10 години и заштеда од 1 милион евра за истиот период, објавија оттаму, по повод Европска недела на мобилност (16 – 22 септември).

„Ова е водечка кампања на Европската комисија за подигање на свеста за одржлива урбана мобилност. Промовира промена во однесувањето во корист на активна мобилност, јавен превоз и други чисти и интелигентни транспортни решенија. Главниот настан се одржува од 16 до 22 септември секоја година, а кулминира со популарниот т.н. „Ден без автомобили“. Физичката активност има значајни здравствено-економски придобивки“, наведено е во објавата на ИЈЗ.

Сите општествени чинители, велат оттаму, од граѓани, до централна власт, имаат одговорност во промовирањето на физичката активност и активната мобилност.

„Со инвестиции во безбедни пешачки и велосипедски зони, градските власти можат да создадат инфраструктура која поттикнува граѓаните да бидат поактивни. Изградбата на мрежи од велосипедски патеки и проширувањето на пешачките зони, не само што го зголемуваат нивото на физичка активност, туку и ја подобруваат безбедноста на учесниците во сообраќајот. Преку оваа иницијатива, централната и локалната власт можат значително да придонесат во намалување на зависноста од автомобили и да го подобрат квалитетот на животот во урбаните средини. Освен тоа, создавањето на зелени површини и зони за одмор, поттикнуваат социјална интеракција и ја зголемуваат благосостојбата на граѓаните“, се наведува во соопштението на ИЈЗ.