ИФР: Продажбата на индустриски роботи ја надмина пандемиската криза
Меѓународната федерација за роботика (ИФР) соопшти дека е забележан мал раст на продажбата на индустриски роботи во пандемиската 2020 година, пред се поради големата побарувачка во Кина.
Минатата година испорачани се 384.000 роботи, што е за 0,5 отсто повеќе во споредба со 2019 година.
Претседателот на ИФР, Милтон Гери истакна дека бројот на индустриски роботи во фабриките ширум светот се искачи за 10 отсто, на рекордни околу три милиони, со значителни разлики меѓу пазарите во зависност од динамиката на кризата. Економиите во Северна Америка, во Азија и во Европа паднаа на најниската точка во пандемијата на Ковид 19 во различни периоди од годината.
– Нарачките и производството во кинеската преработувачка индустрија почнаа да растат во вториот квартал на 2020 година, северноамериканската економија почна да закрепнува во втората половина на 2020 година, а Европа им се придружи нешто подоцна, истакна Гери.
Најмногу нови роботи беа инсталирани во Кина минатата година, речиси 170.000, што е за 20 проценти повеќе од претходната година.
Во Европа нивниот број е намален за осум проценти во споредба со 2019 година, на 67.700, додека во Германија, која е еден од петте најголеми пазари за роботи во светот, по Кина, Јапонија, САД и Јужна Кореја, се инсталирани 22.300 роботи.
Во САД, бројот на новоинсталирани роботи бележи пад втора година по ред, а лани се намали за осум отсто во споредба со 2019 година.
– Бројот на инсталирани роботи во Северна Америка треба да се зголеми за 17 отсто, на речиси 43.000, во Европа за осум проценти, на речиси 73.000, а во Азија да го надмине нивото од 300.000, што би било зголемување од 15 отсто во споредба со минатата година, посочи Гери.