И трупите на Белорусија ја нападнаа Украина
Лукашенко испрати белоруски војници во регионот на Чернихив на север од Киев
Белорусија се приклучи на руската инвазија на Украина во вторникот, при што трупите на земјата навлегоа во регионот Чернихив во северна Украина, потврдија украинските власти.
Во твит објавен во вторникот наутро, украинскиот парламент, Врховната Рада, ги потврди претходните извештаи дека белоруските трупи се на украинска територија.
„Белоруските трупи влегоа во регионот на Чернихив. Информацијата во јавноста ја потврди Виталиј Кирилов, портпарол на силите на северната територијална одбрана. Повеќе детали подоцна“, се вели во твитот.
Според локалните извештаи, белоруска колона од 33 единици влегла во регионот, лоциран северно од Киев, со прекин на мобилните комуникации.
Белоруското вклучување во војната доаѓа неколку дена откако авторитарниот лидер Александар Лукашенко одржа референдум за предложените измени на уставот што ќе му овозможат да ја консолидира контролата врз земјата и да стави крај на статусот на Белорусија како зона без нуклеарно оружје – отворајќи го патот за можно распоредување на руското нуклеарно оружје во земјата.
Сосема очекувано, страната на Лукашенко победи на референдумот, според руските новински агенции, цитирајќи ја централната изборна комисија на Белорусија дека 65,16 отсто од оние кои учествувале гласале за.