И со колективни договори се чува животот на работниците


Го поклопил камионот и починал, во сообраќајка на обиколницата загина полицаец, тешко повреден работник при изградба на автопатот, работник падна од скеле. Ова се само дел од последните случаи на повреда на работа, кои само потврдуваат дека уште многу треба да се работи за да се создаде ефикасен и практично применлив систем на безбедност и здравје при работа кој ќе резултира со безбедни и здрави работни места. Важен инструмент во подобрување на состојбите се колективните договори, а Асоцијацијата за правно-економски истражувања и едукација „Јуридика“ организираше национална конференција на тема „Колективни договори – клуч за успешен систем на безбедност и здравје при работа“.

„Колективниот договор, откако ќе се склучи, има сила на закон. Затоа е битен правен инструмент, каде што од една страна работниците, од друга страна работодавците, можат да ги уредат прашањата што ги засегаат. Анализата на терен покажа дека безбедноста на работа многу малку е застапена во македонското колективно преговарање, на сите нивоа, и во приватниот и во јавниот сектор“, изјави Лазар Јовевски, универзитетски професор.

Во 2018 година на работно место се повредиле 124 работници, а дури 33 го загубиле животот. Најмногу жртви се регистрирани во индустријата и земјоделството, а потоа следуваат несреќите на работа во градежништвото, транспортот и црната металургија.

Според адвокатот Владимир Брангиевски, причините за ваквата состојба не треба да се бараат само кај едната страна, работодавците, туку и кај работниците и затоа е потребна нивна едукација.

„Потребно е да се работи многу повеќе на терен. Потребно е постојано да се укажува на тоа дека заштитата и безбедноста при работа се исклучително важен процес кој  бара една синергија, односно заедничко работење, како на страната на работникот, така и на страната на работодавецот. Сè уште во нашето општество тоа е тема што ја сметаме за неважна и на неа реагираме тогаш кога ќе се случи некоја повреда или смртен случај. Преовладува впечатокот дека колективните договори содржат премалку или воопшто не содржат одредби за безбедноста и здравјето при работа, што во иднина би требало да се менува кога ќе се преговара меѓу двете заинтересирани страни, работници и работодавци и кога ќе се склучуваат колективни договори“, изјави Бангиевски.

Анализите покажале дека има колективни договори без одредби што се однесуваат на здравјето и безбедноста при работа, а има и такви каде што одредбите упатуваат на Законот за безбедност и здравје при работа без да ги разработуваат безбедносните аспекти. Преовладува мислењето дека инспекторатите и надлежните државни органи треба да обрнат поголемо внимание колку се безбедносно и здравствено сигурни работните места. И притоа не е важно само физичкото туку и психичкото здравје на работниците. Затоа е неопходно зајакнување на контролните капацитети во делот на надзорот и едукацијата, но и промовирање безбедносни мерки кај работниците и работодавците, како и градење превентивна култура за заштита.

„Јуридика“ веќе седум месеци работи на зајакнување на системот на колективно преговарање со вклучување на аспектите на безбедност и здравје при работа.

Фото: Б. Грданоски